Незадоволство или здравствени причини – Судија поротник поднесе оставка за 27 април
Пензионираниот генерал Зоран Јовановски-Челик, кој беше дел од судечкиот совет за случајот за 27 април, поднел оставка и веќе нема да биде судија поротник. Иако официјално поранешниот генерал се откажал од функцијата поради здравствени причини, според неофицијални информации, незадоволството на Јовановски почнало по донесувањето на Законот за амнестија со кој се спасија политичарите, а неговите колеги полицајци останале да одговараат и биле осудени на високи затворски казни. Според непотврдени информации, казните на поротниците им биле соопштени непосредно пред изрекувањето на пресудата. Одлуката дека се откажува од поротничката функција, Јовановски ја доставил до судот три дена по пресудата и навел дека се повлекува од лични причини. Претходно не се откажал поради одговорноста кон поротникот кој требало да го замени во предметот.
Јовановски-Челик меѓу колегите важи за голем професионалец, целиот работен век го поминал во полиција, а за време на службата се здобил со тешка повреда. Претседателот на судечкиот совет, Добрила Кацарска, категорично демантира дека Јовановски се повлекол поради казните.
„Јовановски е исклучителен професионалец, своето повлекување го најави уште во текот на судењето, но рече дека ќе остане до крајот на предметот. Тие шпекулации воопшто не се точни“, вели Кацарска. Јовановски во телефонски разговор потврди дека се повлекол, но не сакаше да ги коментира причините за тоа. Демант за информациите стигна и од Кривичниот суд.
„Како суд ги демантираме сите објавени шпекулации и ја информираме јавноста дека поротникот самиот побарал од Судскиот совет да биде разрешен од функцијата судија поротник, а повлекувањето од функцијата го најави уште од претходно и тоа поради здравствени причини, но останал сè до донесување на првостепената пресуда за предметот поврзан со настаните од 27 април, со цел да не ѝ наштети на постапката“, велат од Судот.
Другите предмети во кој бил член Јовановски, почнале од почеток, но сепак се стигнати во понапредна фаза, со оглед на тоа што на претходните расправи се изведени нови докази и се сослушани нови сведоци. „Оваа промена на советот не претставува никаква пречка во понатамошната постапка ниту причина за одолговлекување на предметите“, велат од Судот.
Јовановски беше споменуван како можен наследник на разрешениот директор на Бирото за јавна безбедност, но негов наследник стана поранешниот телохранител на премиерот Зоран Заев, Сашо Тасевски. Откако во јавноста веќе беше решена дилемата кој ќе го замени Велковски, Јовановски се појави како дел од судечкиот совет за 27 април. Велковски беше разрешен од функцијата бидејќи неговиот обезбедувач ја однел ќерка му на одмор во Грција во кампот Евридики, со службен џип во сопственост на МВР. Во јавноста беа објавени неколку фотографии од џипот и видео, но уште не е утврдено кој го следел.
Обвинетите за упадот во Собранието на 27 април што не беа амнестирани добија над два века затворски казни. Речиси сите побараа помилување од претседателот Ѓорге Иванов, кој е пред крајот на својот мандат. Власта останува на ставот дека Иванов нема овластувања да потпишува аболиции по законските измени во 2009. Владиниот портпарол повтори дека ако Иванов се реши да донесе укази за помилувања ќе ги прекрши Уставот и законите.
Без коментар на најавите за можно помилување од страна на претседателот Иванов е опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот генерален секретар Игор Јанушев рече дека целата тема сè уште е во рамки на шпекулации и дека партијата нема да излегува со било какви коментари во таа насока. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека пресудите за 27 април се незаконски и дека осудените не треба да бидат помилувани туку ослободени.
„Ние остануваме на ставот дека драконските казни донесени на начинот на кој беа донесени треба да се бидат укинати“, рече Јанушев. (Ф.Ф.С.)