Невремето направи хаос во Скандинавските земји: Евакуирани повеќе од 600 луѓе во близина на Осло


 
Повеќе од 600 луѓе се евакуирани во регионот северно од Осло по силниот дожд што предизвика лизгање на земјиштето низ планинскиот дел на јужна Норвешка.

 

Норвешката управа за водни ресурси издаде црвен метеоролошки аларм за поплави и лизгање на земјиштето во делови од јужна Норвешка. Норвешката метеоролошка агенција издаде предупредување на највисоко ниво за екстремно обилен дожд.

Илјадници луѓе останаа без струја во јужна Норвешка по бурата Ханс, придружена со силен дожд, која неколку дена зафати делови од Скандинавија и Балтикот, предизвикувајќи излевање на реките и оштетување на патиштата, пренесе АП.

Во Естонија во вторникот без струја останаа околу 5.000 домаќинства.

Пообилни врнежи се очекуваат во јужна Норвешка и централна Шведска.

Поплавени се големи делови од пристаништето во Гетеборг, вториот по големина град во Шведска.

Метеоролозите за денеска издадоа црвен метео аларм за западниот брег на Шведска, предвидувајќи многу обилни врнежи од дожд кои можат да доведат до поплави.