Невремето ги „обра“ јаболката во Преспа


Стравотна е глетката во Преспанскиот Регион по невремето што во средата вечерта за само половина час предизвика пустош. Град, дожд и силен ветер корнеа дрвја, уништија овоштарници, носеа покриви на куќи и направија штети на плажите во Долна Преспа. Најдраматично завчеравечер било во автокампот Крани, кој по долга зачмаеност пред неколку години беше обновен, а ден по невремето изгледаше како да е погоден од земјотрес. Ветрот откорнал стотина дрвја стари неколку децении, кои се расфрлани на сите страни, а дел од нив потиснале и камп-приколки. Летувалците кои немале каде да се засолнат останале внатре, а во цел хаос и паника вистинска среќа е што нема повредени ниту жртви.

Ветерот креваше ламарини, дрвја, некои стари дрвја ги корнеше од цементираните површини. Дојдов со трите внуци, преживеавме хорор-филм. Земјата се спои со небото. Не знам како останавме живи“, рече една туристка во автокампот Крани.

Семејството Глигоровски и Јовановски од Прилеп, исто така преживеаја драматична ноќ во Крани, а невремето им ги оштети камп-приколките каде што биле засолнати и мислеле дека нема да извлечат жива глава.

Нè погоди мексиканско торнадо, нешто невидено досега. Град, дожд, ветар. Се затворивме внатре, ни беше страв да излеземе. Останавме живи за среќа“, изјави Славчо Глигоровски од Прилеп.

Опремата на плажите во овој дел од Преспа е речиси целосно уништена. Ветрот ги откорнал летните шанкови, летале столови од кафулињата, сламените чадори се целосно искршени. Во селата по должина на крајбрежјето се големи штетите и врз објектите, а дел од куќите останаа без ќерамиди, па жителите ги санираа уништените покривни конструкции. Опустошено е целото крајбрежје, големи штети има и во овоштарниците кои се послани од јаболка, а ветрот од корен ги корнел овошките.

Долна Преспа ја зафати невреме, буквално ни се случи водопад од град и дожд. Пороен дожд проследен со многу силни ветришта однесе сè пред себе. Сите јаболка и лисја се на земја, штетите се стопроцентни“, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благо Котларовски“ од Ресен.

Кризниот штаб на Општина Ресен веќе работи на санирање на последиците од оваа елементарна непогода, се расчистува теренот, а во функција се ставени сите човечки и технички ресурси.

Веднаш по невремето заедно со сите надлежни институции, вклучително и Дирекцијата за заштита и спасување, излеговме на терен. Заедно со медицинските екипи утврдивме дека нема повредени лица, а веднаш потоа ги активиравме тимовите да ги оспособат сите патни правци кои беа блокирани со урнати дрвја и електрични столбови. Тимовите и денеска се на терен, сите имаат задачи за расчистување на местата погодени од невремето“, рече градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Без вода и струја се десетина села од Долна Преспа, а министрите за земјоделство и внатрешни работи, Трајан Димковски и Оливер Спасовски, кои беа во посета на овој регион, рекоа дека се преземаат сите чекори за да се нормализира состојбата.

Факт е дека имавме страшно невреме во Преспанскиот Регион, сите надлежни владини и локални служби се на терен за да се санира состојбата. Владата ги ангажира сите можни капацитети за да се проценат штетите и на земјоделските производи и на објектите. Стапивме во контакт со ЕВН за жителите да добијат електрична енергија и да имаат чиста вода за пиење. Треба време да се санираат сите состојби, важно е дека државата заедно со локалната самоуправа е целосно подготвена да помогне“, изјави Спасовски.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски рече дека ова што се случи во Преспа е елементарна непогода бидејќи покрај штетите во овоштарниците има штети и на објекти.

Екипите ќе излезат на терен и ќе направат проценки на штетите не само на приносите кај јаболката туку и врз самите дрвја. Тоа треба да стои во елаборатите што ќе се достават до владината комисија. Секоја година во Преспанскиот Регион ни се повторуваат вакви временски непогоди, токму поради тоа во Програмата за рурален развој интервенираме да имаме влијание врз ваквите климатски промени, знаеме дека технологијата тоа го овозможува“, рече министерот Димковски.

Во Преспа уште долго ќе се санираат последиците од стравотното невреме во средата вечерта. Дел од туристите веќе заминаа, а жителите, во очекување да се нормализира состојбата и да добијат вода и струја, велат дека не паметат вакво ураганско невреме во Преспанскиот Регион.

Пустош и во Љубаништа

Големото невреме проследено со силен ветер, град и дожд направи пустош во целиот југозападен дел од Македонија. Туристи што престојуваат во автокампот Љубаништа сведочат за превртени приколки и голема материјална штета од синоќешното невреме. Искорнати дрвја, блокирани патишта, неколку села без струја, се само дел од последиците од синоќешното невреме.

Емилија Мисирлиевски