Невреме во Велика Британија, Франција и Данска: Двајца загинати во Шкотска


Делови од источна Шкотска во петокот беа погодени од силни поплави откако бурата Бабет донесе пороен дожд и ветрови со брзина од 113 километри на час, а предупредувања за поплави и бури беа издадени во јужна Франција и Данска.

Британската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за прв пат од февруари 2020 година, предвидувајќи дека во некои области ќе има и до 250 милиметри дожд.

Една жена загина во четвртокот кога ја однела река, а маж загинал од дрво кое паднало врз неговиот автомобил.

„Ова е извонреден настан и најверојатно ќе видиме нови поплави“, рече Енди Пејџ, раководител на институтот, пренесува Хина.

Тој додаде дека може да се очекуваат прекини на струја и прекин на основните јавни услуги и ги повика жителите да се подготват за можноста да бидат исклучени во следните неколку дена.

Жолти предупредувања се во сила во поголемиот дел од Англија.

Властите во регионот Alpes Maritimes во јужна Франција ги предупредија жителите на поплави и ветрови до 130 километри на час откако удари од гром предизвикаа прекин на електричната енергија и затворање на училиштата.

Во Ница одроните и паднатите дрвја затворија повеќе патишта, а познатото шеталиште беше затворено поради големите бранови. Превентивно затворени се сите училишта и градинки.

Невремето на Балтичкото море стигна до источниот брег на Данска и предизвика евакуација на населението и прекин на електричната енергија.

Данската полиција ги повика жителите и туристите на социјалната мрежа Х да ја напуштат областа околу плажата Сандерсвиг, бидејќи во близина на викенд-одморалиштето на југот на Јитланд пукна насип.

Жителите на островот Мон на југоисточниот дел на земјата, исто така, беа повикани на евакуација поради поплавите.

Воздушниот и траектниот сообраќај е ограничен, со откажани 88 летови на аеродромот во Копенхаген.