Невреме во Словенија и Хрватска


Силно невреме, проследено со обилни врнежи и град, вчера ја погоди Словенија, а најпогодени беа областите Шатејрска и Помурска, каде што 12.000 домаќинства останаа без струја. И Хрватска ја зафати невреме проследено со поројни дождови и град, а три лица биле повредени.

Во Птуј ветерот достигна брзина од преку 100 километри на час.

Словенечката агенција СТА јави дека во тој дел од земјата дувал ветер со брзина од 70 километри на час.

Словенечката министерка за земјоделство Александра Пивец денеска вети помош за општините кои претрпеа големи штети од невремето во источниот дел на земјата.

Пивец рече дека од невремето се погодени 60 општини.

Во најпогодените краеви околу Птуј се проценува дека на посевите е нанесена штета од 40 до 100 отсто, особено на пченката, хмељот, компирот, овошјето, зеленчукот и анасонот.

Во повеќе делови на земјата кои беа погодени од обилните дождови и од град дојде до одрони на земјиштето и помали поплави, а многу покриви на куќи и автомобили се оштетени.

Во Хрватска, пак, најпогодено е подрачјето на Вуковарско-сремската жупанија каде паѓал град со големина на орев, а некаде и со големина на јајце. Имало и откорнати дрвја, како и урнат покрив на едно основно училиште.

Две жени се полесно повредени од удар на гром, а еден маж паднал од покрив.

За краток временски период паднале 20 литри дожд, а забележан е најсилен удар на ветрот со брзина од 75 километри на час.

Невремето, проследено со силен ветер и пороен дожд, во вечерните часови го погоди и поголемиот дел на Истра, но не предизвика поголеми проблеми.

Пожарникарите имале околу 20 интервенции, кои главно биле за отстранување гранки на патиштата во Пула, Пореч и Новиград.