Невреме на Крит – евакуирани 47 туристи


Атина – Поради поплавите предизвикани од силниот и обилен дожд во околината на градот Иерапетра во југоисточниот дел на Крит, противпожарната служба на Грција превентивно евакуираше 47 туристи од хотели и апартмани за изнајмување во областите Ферма и Куцунари, а делови од островот препеа големи штети од невремето, што со мали прекини, трае од средата вечерта, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите од противпожарната служба на Грција, силните врнежи продолжуваат во поширокото подрачје на Иерапетра и повторно е поплавена патната инфраструктура, а кусо пред 11 часот, од бројот 112 за итни случаи, беше испратена нова порака до сите кои се во поширокиот регион на Иерапетра, да ги ограничат движењата.

Паралелно, поради поплавите била побарана помош, 47 лица од хотелите и апартманите за изнајмување во Ферма и Куцунари, да бидат префрлени на безбедна локација, а од противпожарната служба на Грција нагласија дека туристите не се во опасност, ниту е пријавен некаков здравствен проблем.

Во евакуацијата вклучени се припадници на противпожарната служба на Иерапетра и спасувачки тимови.

Во текот на вчрашниот ден, поради невремето противпожарната служба на Грција евакуираше 20 лица во околината на Иерапетра и двајца кај градот Ретимно, додека пак крајбрежната служба од морскиот дел кај Иерапетра со чамци евакуираше четворица туристи од Велика Британија.

Голем број пожарникари низ целиот регион Крит и понатаму се на терен, а во зголемена готовност се и сите надлежни служби и институции.

Во невремето на Крит во четвртокот животот го загуби 80-годишен сточар, додека пак две лица беа полесно повредени откако поради лизгање на земјиштето предизвикано од обилните врнежи, мал мост целосно попуштил во моментот кога минувале со автомобилот.

Островот Крит, со одлука на Генералниот секретаријат за цивилна заштита од средата вечер до денеска е во состојба на мобилизација „Црвен код“ („Red Code“), поради најавите за невреме и високата опасност од поплави.