Невреме ја парализира Јапонија – четворица загинати и илјадници заглавени на аеродром


Рекордни врнежи ја погодија Јапонија, предизвикувајќи поплави, прекини во сообраќајот и хаос на аеродромите, а досега се потврдени најмалку четири жртви. Во префектурата Чиба за само 24 часа наврнале повеќе од 360 милиметри дожд, поплавувајќи патишта и железнички пруги и оставајќи илјадници патници заглавени на аеродромот „Нарита“. Властите сè уште трагаат по едно лице, додека дел од домаќинствата останаа без електрична енергија.

На погоденото подрачје се испратени војници за да помогнат во спасувачките акции и санирањето на последиците од невремето.

„Ова беше исклучително невообичаена ситуација“, изјави гувернерот на Чиба, Тошихито Кумагаи, во петокот наутро пред новинарите. „Во минатото сум се соочил со многу природни катастрофи, но никогаш не сум доживеал нешто вакво.“

Според податоците на енергетската компанија „Токио електрик пауер“, во петокот во 11 часот по локално време, повеќе од 22.000 домаќинства сè уште биле без електрична енергија.

Во градот Чиба, едно од најтешко погодените подрачја, стотици луѓе ја поминале ноќта покриени со термо-прекривки во јавни објекти, кои биле претворени во привремени евакуациски центри.

Поради нарушувањата во сообраќајот, околу 7.000 луѓе останале заглавени на аеродромот „Нарита“, соопшти портпаролот на аеродромот. Тој додаде дека се очекува сите летови во петокот да се одвиваат според предвидениот распоред.

Од „Јапон ерлајнс“ соопштија дека можни се доцнења на дел од летовите, но засега не се очекува нивно откажување.

Во префектурата Чиба биле затворени и неколку главни автопати, поради што возачите морале да користат алтернативни правци. Тоа предизвикало големи сообраќајни метежи, објави управителот на автопатиштата „НЕКСО Ист“.

Неколку железнички линии и во петокот наутро сè уште биле во прекин, иако повторно започнале да сообраќаат дел од возовите што го поврзуваат „Нарита“ со Токио, со што се намалиле гужвите на овој меѓународен сообраќаен центар.

 

Снимките на јапонската јавна телевизија NHK покажаа дека стотици патници во текот на ноќта чекале во редици за од аеродромскиот персонал да добијат ќебиња, шишиња вода и грицки, а потоа ја поминале ноќта во терминалот на аеродромот.

„Ова патување никогаш нема да го заборавиме“, изјавил за NHK еден американски патник, кој заедно со своето семејство останал заглавен на аеродромот. објавува Журнал.мк