Невреме и поплави во повеќе делови на Грција


Невремето и силниот дожд кои вчера и денеска зафатија повеќе делови од Грција, предизвикаа проблеми на Халкидики и на островите Скиатос и Евија, каде што се поплавија голем дел од улиците, јави дописничката на МИА од Атина.

Во близина на Халкидики, доцна синоќа, противпожарната служба на Грција со четири пожарникари и две возила интервенирала за спасување на две жени, кои со нивниот автомобил се заглавиле во поплавена улица.

Невремето предизвика и материјални штети како на патната мрежа, така и на домови и продавници на Халкидики, Скиатос и Евија.

Метеоролошките станици на грчката национална опсерваторија, од полноќ до 9.30 часот утрово, во Света Гора, на Скиатос и на Евија регистрирале над 90 милиметри дожд, додека пак на островите во северниот дел на Егејското Море, ветрот бил со брзина од над 90 километри на час.