Невообичаено висока излезност во центарот на Битола


Излезноста до 10 часот во Битола е дури 14,54 отсто (Фото: А. Блажевска)

БИТОЛА – Битолчани од центарот на градот излегоа од рано изутрината на гласање со што направија невообичаена атмосфера пред гласачките места. Од ОИК потврдија дека до десет часот излезноста во Битола е 14,54 проценти.

Во избирачките места сместени во центарот на градот, во Битолскиот музеј и Универзитетската библиотека, пред десет часот се чекаше за гласање во редици. И за претставниците на избирачките одбори ситуацијата е невообичаена, бидејќи не е ни малку слична од оние на претходните изборни циклуси во Битола.

„Дојдовме од сабајле да гласаме, зашто знаеме дека нема гужва, ама денеска не е така, еве сега чекаме ред за гласање. Не паметам дека вака било од сабајле. Дали заради топлото време или заради вирусот ама ете луѓето излегоа. Можеби е и заради политиката, кој знае“, вели битолчанка која гласа на избирачко место во библиотеката во строгиот центар на градот.

Гласачите се задоволно како тече гласањето и како се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот.

„Нема од што да се плашиме, сите сме со маски, има средства за дезинфекција, чекаме на оддалеченост, мислам дека сѐ ќе биде во ред, да се надеваме“, велат граѓани кои гласале.

За висока излезност до десет часот потврдуваат и од избирачките  одбори.

„Од запишани 686 гласачи на ова гласачко место до девет часот гласале 102 гласачи што е добар одзив за разлика од претходните избори. Во услови на пандемија ова е неочекувано добар одговор досега и добра излезеност. Сите мерки се почитуваат“, ни изјави Марија Налбанти, потпретседател на избирачки одбор на гласачкото место 79.

„Излезноста на избирачкото место 73 е многу голема. Во бројки тоа значи од 1.007 запишани гласачи до пред 10 часот се излезени околу 160 гласачи. Тоа значи над 16 проценти. Излезноста во споредба со минатите избори е поголема“, вели Зоран Ѓуровиќ, заменик претседател на Избирачки одбор.

Иста е состојбата и на избирачкото место 74, каде од запишани 468 гласачи гласале 70.

Во Битола денеска се гласа на 169 гласачки места, а право на глас имаа 81.488 гласачи.

„Денешниот ден започна без проблеми со отворање на сите избирачки места и нема јавување за некој проблем, излезноста е 14,54 проценти до десет часот“, вели Весна Томовска, претседател на ОИК Битола.

Вчера гласаа лицата во домови за вонсемејно згрижување 43 лица, исто толку и во казненопоправните домови. Гласаа двајца битолчани на кои им е изречена мерка притвор, како и 212 болни и немоќни лица.  (А.Б.)