Невообичаен метод: Полицајците во Германија ги соблекоа панталоните во знак на протест


Исфрустрирани од бескрајните чекања за униформи кои ги нема на залиха, полицијата во јужната германска покраина Баварија презеде необичен чекор за да го привлече вниманието на нивната мака.

Во видеото објавено на YouTube и Instagram од државниот огранок на германскиот полициски синдикат (DPolG), двајца полицајци седнати во полициско возило меѓусебно се прашуваат: „Колку долго чекате? одговараат четири и шест месеци соодветно. После тоа, тие излегуваат од своето „бе-ем-ве“ и откриваат дека се без панталони.

Јирген Кенлајн, претседател на баварскиот DPolG, потоа директно се осврнува на проблемот, велејќи дека она што изгледа како лоша првоаприлска шега не е ништо за смеење, поистоветувајќи го хроничниот недостиг на униформи со недостаток на почит кон полицајците.

„Баварската полиција „се соблекува“ и буквално може да стои без панталони“, вели Келајн, кој го нагласува фактот дека времето на чекање за дури 21 различни делови од униформа – како капи, јакни и панталони – може да трае со месеци за да бидат достапни на сите.

Синдикатот го повикува МВР итно да го реши проблемот, дури и да значи дополнителни трошоци, со напомена дека од 2020 година речиси и да не се зборува за недостатоци во квалитетот на униформите, туку за недостатоци во достапноста на униформите.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи го призна проблемот во средата, укажувајќи на прекини во синџирот на снабдување.
Владините претставници велат дека сега самите ќе ја преземат логистиката за испорака, откако набавката им е препуштена на приватни компании. „Тесните грла“ во снабдувањето, соопшти МВР, особено ги погодиле специјалните панталони како што се повеќенаменските летни панталони.

Претставниците на МВР ги посочија пандемијата на корона вирус и војната во Украина како дополнителни фактори кои негативно влијаат на снабдувањето и испораката и тврдат дека новиот логистички центар ќе биде оперативен во Баварија до 2030 година, со што силите ќе бидат помалку зависни од надворешни добавувачи.

И покрај проблемот, Министерството соопшти дека државната полиција на никаков начин не била спречена да ги извршува своите работни задачи, додавајќи дека други елементи од униформата може да се користат кога одредени делови не се достапни.

Претседателот на синдикатот Јирген Кенлајн беше помалку ноншалантен.

„Во моментов, останува нејасно дали ситуацијата ќе се подобри или ќе продолжи да се влошува. Каков впечаток мора да добијат новите регрути кога ќе бидат принудени да ја завршат обуката во „цивилна облека“, наместо да им дадат униформа“.