„Невидливите“ бездомници во Романија погодени од кризата со корона вирусот


Неколку илјади бездомници во Букурешт, Романија поминуваат многу тешка криза во време на пандемија од корона вирусот.

Напуштените улици во Букурешт поради изолацијата спроведена заради корона вирусот, не се повеќе извор на фрлена храна, со што бездомниците во Романија имаат се помалку можности да ги задоволат потребите.

Додека во другите европски земји, постојат иницијативи кои ги помагаат оние на кои им е потребна помош, во една од најсиромашните членки на ЕУ, некои хуманитарни организации ги затворија своите врати затоа што немаат повеќе маски, ракавици и дезинфекциски средства.

„Ние сме невидливи. Не постоиме за владата“, вели Алина Константин (38), која живее во напуштена куќа во Букурешт.

Некои бездомници се сметаат за закана, особено во услови на пандемија од корона вирус.

Ги бркаат од автобус

„Ајде, излегувај! СО овој вирус што шета насекаде, вие дополнително нѝ ширите болести кои не ни требаат“, вели еден патник во автобус на постара бездомничка.

Жената си ги собра двете торби и се симна од автобусот, откако следеа уште повеќе навреди на нејзина сметка.

Во Лондон, два хотела се ослободени и примаат бездомници во следните два месеци, а во Франција се направени привремени засолништа.

Во Виена пак, покрената е онлајн кампања за поддршка на околу 350 луѓе чии примања пресушија откако не можеа повеќе да продаваат весници на улица, во согласност со мерките за заштита од корона вирусот.

Со речиси 20 милиони луѓе, Романија има повеќе од 1.000 заболени и 17 смртни случаи.

На Романците им е кажано да седат дома и редовно да ги мијат рацете, мерки што за бездомниците се речиси невозможни.

Затвораат здруженијата за помош

Едно здружение годишно помага на 1.600 луѓе, меѓу кои и семејства со деца, но беа присилени да затворат откако во аптеките не можеше повеќе да се најдат ракавици, маски и дезинфекциски средства.

„За нашите социјални работници и волонтери е премногу опасно“, вели менаџерот на невладината Сабина Николае за АФП:

„Но, останавме во контакт со оние на кои им сме потребни… Им кажуваме кои кантини и прифатни центри се се уште отворени“.

Ноќниот центар Палади е затворен за да се заштитат околу 200 луѓе кои се сместиле во него, а на никој друг не му е дозволено да влезе.

Само уште Фондацијата Парада во Букурешт, која нуди топли оброци и можност за туширање, одби да ги затвори своите врати.

„Ги стопиравме другите активности, како циркуски часови за бездомните деца, за да се посветиме на итните потреби на нашите клиенти“, вели Јонут Југуреану за АФП.

Триесетина мајки со мали деца кои живеат во имрповизирани живеалишта отад таму по млеко во прав.

„Се плашиме од вирусот, но нема што да направиме“, вели 48-годишната Каталин Козак.

Козак и нејзината ќерка Флорина (27), веќе десет години живеат во барака во Букурешт, без струја и без вода. Нејзината друга ќерка и синот починале пред две години од друга болест.

„Никој не ми помогна со погребите. Каде и да појдам, вратите се затворени“, вели таа, додека става заштитна маска која ѝ ја донеле од здружението Парада.

Друга жена, Стефанија, вели дека од Парада ѝ се како семејство и дека добро се однесуваат со нив.

„Сепак, не можеме против судбината… Но добро е кога имаш со кого да поразговараш, инаку би полуделе“, вели 27-годишната жена која на 10 -годишна возраст избегала од дома и живее во напуштена куќа во Букурешт.

Мал зрак надеж има од Владата, која во четвртокот ги повика градовите да обезбедат прифатилишта за бездомните, каде би делеле и храна.
Но, за тоа треба време, температурата во Букурешт е околу 0 степени Целзиусови, навечер.