Неверојатно: Да се промаши гол од пенал не е невообичаено, но цела трибина… (видео)


Неверојатно промашување од белата точка се случи на натпревар од втората лига во Холандија помеѓу Алмере и Јонг Ајакс (вториот тим на Ајакс).

Имало секакви пенали, но некој да биде толку непрецизен што покрај голот, ја промаши и целата трибина зад стадионот – тоа е веќе „уметност“.
Токму тоа му се случи на Брајан Броби, 19-годишниот напаѓач на Ајакс, кој доби шанса да го постигне водечкиот гол во 38-та минута. Се местеше, имаше доволно време, се залета, шутираше и ја испрати топката кон небото, толку далеку од голот што успеа да ја префрли и трибината и покривот на стадионот. 

Ова се покажа како скапо промашување бидејќи во второто полувреме домаќините постигнаа гол кон крајот на натпреварот и ги освоија сите три бода, оставајќи ги Броби и неговите соиграчи со празни раце.

Инаку, Броби е дете на Ајакс, подружница на нивната позната младинска школа, но тој нема да остане во Амстердам долго бидејќи веќе потпиша договор со РБ Лајпциг, откако пред неколку месеци реши дека е време да замине во странство, иако неодамна наполни 19 години …