Невакцинираните здравствени работници во Грција може да останат без работа по 31 март


 Невакцинираните здравствени работници во Грција кои веќе неколку месеци се на принуден одмор, поради воведената задолжителна вакцинација, можно е по 31 март, кога и истекува конкретната одлука, да останат без работа, според министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, кој сепак, објасни дека сè уште не е донесена конечна одлука, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис, во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ објасни дека на 31 март истекува мерката здравствените работници кои не се вакцинирани да бидат на принуден одмор, а дотогаш одново ќе се разгледа, дали ќе се продолжи истата мерка или пак ќе се донесе одлука да не бидат дел од здравствениот систем.

-Како министер излегов со став и препорачав оние кои не се вакцинирани, по 31 март, не само да останат на принуден одмор, туку треба и да не можат да ги даваат нивните услуги на националниот здравствен систем. Но, очигледно тоа ќе биде одлука на централната власт. Ако предлогот за кој говорам биде прифатен, тоа значи дека невакцинираниот здравствен работник нема да има основна формална квалификација да ја дава услугата и автоматски, не станува збор за отказ, туку самиот се става надвор од националниот здравствен систем. Друго решение не постои, објасни министерот за здравство на Грција.

Во однос на бустер дозата и дали таа ќе биде задолжителна за здравствените работници, Плеврис рече дека не постои никакова законска одредба, ниту пак Владата има намера да го поврзе непримањето на третата доза со прекин на работата.

Сепак, од следниот понеделник, ќе престане да важи сертификатот за вакцинација на сите полнолетни граѓани кои се вакцинирале пред седум месеци, а сè уште не примиле бустер доза и автоматски ќе се сметаат за невакцинирани.