Невакцинирани контра вакцинирани

Кога во дебатите ќе се замешаат политичарите кои ем сакаат да им се додворат на оние кои се противат на вакцините, ем да не бидат контра научните сознанија и препораките на лекарите, тогаш ситуацијата станува трагикомична


Дали во една иста просторија (во јавните установи, болниците, но и во фабричка хала, магацин, канцеларија…) може заедно да работат вакцинирани и невакцинирани против Ковид-19, без оглед дали се почитуваат другите мерки за заштита од зараза, како што е носењето маски или држењето физичка дистанца? Или, за да се овозможи ова, невакцинираните ќе мора да приложат своевидна „влезница“ за да појдат на работа, во вид на негативен ПЦР тест кој треба самите да го плаќаат?

Мерките кои ги предложи Комисијата за заразни болести и кои се однесуваат на вработените во здравствениот и во јавниот сектор, предизвикаа бура реакции, од оние кои сметаат дека на таков начин се нарушуваат човековите и демократските права на личен избор, до мислењата дека треба подеднакво да важат и за приватниот сектор. Реагираа синдикатите, стопанските комори, работодавачите, обичните луѓе…

Чие право е посилно – на оние кои одбиваат да се вакцинираат, или на другите кои сметаат дека невакцинираните се закана за јавното здравје?

Иако можеби споредбата е недоволно соодветна, сепак, вреди да се спомене примерот со пушењето во јавни простории, прашање кое што кај пушачите предизвикува чувство на обесправеност, но кое генерално се почитува и за кое одамна нема дебати како оние за вакцините против Ковид-19. За цигарите се знае дека се штетни, дури и повеќе за оние кои се „пасивни“ пушачи, но кај вакцините и покрај научните сознанија и препораките на лекарите, кај многумина има страв дека со нивното примање ќе им се наруши здравјето, оглушувајќи се на податоците дека како невакцинирани може да имаат потежок облик на Ковид-19 доколку се заразат, но и поголема можност да го пренесат вирусот на друг (со сите несакани последици), отколку вакцинираните.

Кога во ова ќе се замешаат и политичарите, кои ем сакаат да им се додворат на дел од граѓаните кои се противат на вакцините, ем да не бидат контра научните сознанија и препораките на лекарите, тогаш ситуацијата уште повеќе се комплицира, па дури станува и трагикомична.

Веројатно најпластичен за ова е примерот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервју за Телма изјави дека „Уставот секому му дава право на избор и секој има право да избере дали ќе се вакцинира или ќе ја прележи болеста“. Како што изјави, тој решил да се имунизира преку тоа што се вакцинирал, но некој ќе реши „нема да се имунизирам така, ќе одлучам да го прележам тој вирус и нема да се вакцинирам“.

„Тоа е право на избор“, рече Мицкоски во Топ Тема на ТВ Телма, додавајќи уште дека мерките за сузбивање на пандемијата се носеле врз основа на политички потреби на власта и се „менуваат и моделираат како пластелин во зависност од потребите на политичарите на власта“.

Кога политичари кои претендираат да ја водат државата и да носат одлуки кои ќе имаат влијание врз животите и здравјето на сите граѓани, излегуваат со вакви ставови, тогаш не чуди зошто довербата во системот е таква каква што е.

Или, можеби знаат некоја „тајна состојка“ како онаа на Веле, главниот лик во наградуваниот македонски филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески, со која ќе се победи смртоносниот вирус. Филмот, за потсетување, е црна комедија која ги обработува социолошките аспекти на општеството кое не му верува на здравствениот систем и спасот го бара во надрилекари.

За волја на вистината и многу поразвиени системи и демократии од македонската се соочуваат дури и со подрастични и поагресивни отпори кон мерките кои ги наметнуваат тамошните влади. Ако почнеме да набројуваме ќе треба многу – од оние во нашето непосредно соседство – во Словенија и во Хрватска, па сѐ до земјите кои тука се синоним за развиено здравство и силни институии – како што е Германија и особено Холандија, каде што изминатиов викенд имаше насилни протести против ковид мерките со десетици повредени.

Пандемијата трае долго и што е уште полошо, не ѝ се наѕира крајот, со сите последици врз луѓето и врз економиите.

Кај нас многумина уште се однесуваат како да живееме на некој изолиран остров и дека она што се случува тука околу нас и во светот нема да не допре. Тука се мисли пред се на економските последици кои со себе ги носи пандемијата, а поврзани со дебатите за правата на оние кои што се вакцинирани и оние кои што не се.

Во врска со ова, медиумите во светот, објаснувајќи ги проблемите со синџирите на снабдување, наведуваа конкретни примери како некои од нив потекнуваат поради пробив на вирусот во некој од големите производствени капацитети, што условиле нивно ставање под клуч на определен период. Такви случаи има и кај производителите на компоненти за чипови за автомобилите, поради што автомобилската индустрија трпи огромни загуби. Проблемот е во тоа што дел од таквиот синџир е и Македонија, па тоа е една од причините за падот на индустриското производство во изминатите месеци.

Па така, се чини сосема нессоодветно од една страна да се критикуваат економските политики во земјава, а од друга да се биде отворено против мерки кои барем на домашен план може да имаат позитивни ефекти врз општото здравје, а со тоа и на здравјето на економијата.

На внатрешен план, исто така, можеме да дојдеме до безброј причинско-последични врски кои негативно влијаат врз економијата, а кои се резултат на непочитување на до сега преземените мерки (најдобар пример е проверката на ковид сертификатите за влез во кафеани, шопинг моловите…) што резултира со изгубени работни часови поради одење во изолација, или поради болеста, тешкиот период на рехабилитација откако ќе се прележи Ковид-19, па се до она ненадоместливото – загубата на човечки животи.

Затоа, кога се упатуваат пораки дали нечие право е загрозено или не, треба да се имаат предвид и овие околности.

Да не зборуваме за здравствените аспекти – како што наведува еден наш познат научник од областа на медицината „полните болници имаат два главни ефекти: помалку соодветна нега на болните од ковид и намалена медицинска нега на болните со други хронични болести“.

Или, како што порачува: „Секој со својот ум и за себе и за другите“.