Неуспешни преговорите за преземање на Карфур од страна на канадски Куше-Тард


„Карфур“ вработува над 100 илјади лица во Франција

Само четири дена откако стана јасно дека канадската компанија Алиментејшн Куше-Тард (Alimentation Couche-Tard) е подготвена да го преземе францускиот Карфур, двете страни објавија дека ставиле крај на преговорите без резултат.

Кон средината од минатата недела беше објавено дека канадската фирма предложила сума од 20 милијарди долари за да го придобие европскиот гигант. По остри реакции на француската Влада, и критики од експерти, изминатиот викенд двете компании потврдија дека зделка нема да има.

Според Блумберг, двете страни се договориле да работат заедно во области како синџири за достава на продукти и во бизнисот со горива на Куше-Тард.

Откако беше потврдено дека се водат официјални разговори меѓу компаниите, владата на Франција излезе со свој став за темата. Според министерот за финансии Бруно ле Мер, пандемијата „демонстрираше колку е важна внатрешната контрола за доставувањето храна“.

– Од таа гледна точка, не сум приврзаник на идејата Карфур да биде преземен од странски конкурент, изјави тој.