„Неуништиви“: Украина досега не соборила ниедна од руските ракети „Х-22“
Во 2000 година, Украина ѝ префрли на Русија 386 ракети „X-22“ како рата од долгот за гас. Сега тие се користат за напади на украинските градови
Од почетокот на целосната инвазија, руските сили истрелале околу 300 ракети „Х-22“ кон Украина, од кои ниту една не била пресретната и соборена, изјави во петокот официјален Киев.
Говорејќи само неколку часа по масовниот напад на градовите низ Украина, портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат рече дека оваа и изменетата верзија на ракетата најверојатно се некои од оние што ја поминале украинската противвоздушната одбрана денес, пишува „Киев пост“
Засега се знае дека 18 лица се убиени во денешниот напад, а уште 97 се повредени.
„Ракетата ‘Х-22’ лета со брзина од четири илјади километри на час, навлегува во својата цел најмногу по балистичка траекторија, така што се потребни специјални средства за да се пресретне“, изјави Ихнат за националната телевизија.
„Потребни ни се системи за противвоздушна одбрана како ‘Патриот’, така што не е толку лесно со овие ракети. Непријателот користеше повеќе од 300 од овие проектили од целосната инвазија.
Покрај ‘X-22’, тие имаат и модернизирана верзија на оваа ракета – ‘X-32’. Веројатно, овие проектили биле користени и денес“.
На прашањето колкав процент од украинската противвоздушна одбрана X-22/X-32 успеала да го собори, Ихнат одговори дека ниедна не е соборена, додавајќи дека руските сили ги користат овие типови ракети главно на јужниот и источниот правец, како и на северот.
Што е „Х-22“ и зошто е толку тешко да се собори?
„Х-22“ (Бура) е воздушна суперсонична крстосувачка ракета со долг дострел од советската ера.
Вооружена со нуклеарна или високо експлозивна фрагментирана кумулативна боева глава, првично беше дизајниран да уништува носачи на авиони и други големи воени бродови, па дури и групи на такви носачи.
Семејството „Х-22“ беше развиено во СССР во 1960-тите и специјално дизајнирано да се лансира од бомбардери „туполев-22“.
Подоцна, и ракетите и авионите беа модернизирани како дел од таканаречениот „К-22 специјален ракетен комплекс воздух-земја“.
Надграден во 1970-тите, проектилот имаше импресивна брзина од 4.000 километри на час, боева глава од 1.000 килограми и дострел од 500 километри.
Малку проектили во светот можеа да се натпреваруваат со „Х-22“ во тоа време. Тестовите за летање и пукање на комплексот К-22 беа завршени во 1967 година.
Во втората половина на 1970-тите, ракетите „Х-22“ почнаа да ги вооружуваат модернизираните суперсонични бомбардери „туполев-22М2“ и „туполев-22М3“ кои можеа да носат до три проектили.
Меѓутоа, за ударни цели, тие носат еден или два проектили, додека три се прикачени само за транспорт.
Еден проектил „Х-22“ тежи 5.820 килограми. Во СССР беа произведени вкупно околу 3.000 вакви проектили.

По распадот на СССР, некои од нив останаа во Украина. Меѓутоа, веднаш по независноста во 1991 година, Украина се откажа од својот нуклеарен и стратешки авијациски арсенал.
Во 2000 година, Украина ѝ префрли на Русија 386 ракети „X-22“ како рата од долгот за гас. Откако Русија изврши инвазија врз Украина во февруари 2022 година, овие проектили беа искористени за да се извршат бројни воени злосторства против украинските цивили, вклучително и нападите врз трговскиот центар „Ривиера“ во Кременчук, регионот Полтава, и станбена зграда во Серхиивка, регионот Одеса. .
На 14 јануари 2023 година, ракета „Х-22“ погоди деветкатна станбена зграда во Днипро во која беа сместени повеќе од 1.100 луѓе. Загинаа 46 лица. Според обвинителство на Украина, овој вид оружје „предизвикува најтешки цивилни жртви поради неговата исклучително мала прецизност.
Најновите модификации на „Х-22“ имаат инертен систем за таргетирање и поширок опсег на намена. „Х-22НА“, на пример, не користи радар за пронаоѓање и заклучување на целта, туку има автопилот кој ја насочува кон одредени координати на одредена височина во зависност од геометријата на површината.
Сепак, „Х-22НА“ е прилично стара и ранлива на западното противракетно оружје. Колку е подолго растојанието лансирање-цел, толку е помала прецизноста и полесно пресретнувањето. Колку помалку време проектилот е во воздух, толку е потешко да се собори, анализира „Киев пост“.
Само за споредба: крстосувачките ракети „Калибр“ што Русија ги лансира од Црното Море имаат поголем дострел, но им треба подолго време за да стигнат до целта. Нивната брзина на крстарење е три пати помала од онаа на „Х-22“, па затоа е полесно да се соборат.