Нетанјаху попушти по два месеца протести


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска најави олеснување на планот на владата за реконструкција на судството, по повеќе од два месеци протести низ целата земја.

Оригиналниот предлог-закон за избор на судии бараше комисија со тројца министри, двајца коалициски пратеници и две јавни личности да ги избере владата, додека предлогот што денеска го презентираше Нетанјаху бара 11-члена комисија за избор на судии, со состав тоа и дава помало влијание на владата, пренесува Ројтерс.

Во новиот предлог се прецизира дека комисијата ја сочинуваат тројца министри, тројца пратеници од коалицијата, тројца судии и двајца пратеници од опозицијата.

Исто така, беше наведено дека не може да се именуваат повеќе од двајца судии на Врховниот суд со редовно гласање на седницата на Кнесетот и дека секое назначување надвор од тоа ќе треба да биде одобрено со мнозинство гласови, вклучувајќи најмалку еден судија и еден пратеник од опозицијата меѓу членовите на изборната комисија.

Ројтерс објави дека Нетанјаху се откажал од намерата да го ратификува пакетот реформи пред паузата во Кнесетот што започнува на 2 април, а ратификацијата сега се очекува по повторното заседавање на Кнесетот на 30 април.