Нетанјаху: Можна е војна во Газа и пред изборите
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, по враќањето од Русија изјави дека во секој момент може да избие војна со екстремистичките организации во Појасот Газа.
– Операција во Газа може да се случи секој момент, вклучително и четири дена пред изборите. Датумот на изборите не е фактор (за одлуката дали да се оди во војна), истакна Нетанјаху по средбата со претседателот на Русија, Владимир Путин во Сочи.
Нетанјаху и пред да отпатува за Русија предупреди на можноста од војна во Газа, истакнувајќи оти тоа е последна опција.
Израелските градови и села минатата недела повеќепати беа мета на ракетни напади од Појасот Газа, што предизвика израелски одмазднички напади од воздух. Поголемиот број истрелани ракети од Газа беа пресретнати од одбранбениот систем Железна купола.
Парламентарните избори во Израел ќе се одржат на 17 септември.