Нетанјаху: Кон Израел ќе припоиме третина од Западниот Брег


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе анектира 30 проценти од окупираниот Западен Брег. Во интервју за израелскиот весник „Макор Ришон“, Нетанјаху рече дека 50 отсто од областа класифицирана како „Зона Ц“ според мировниот договор „Осло 2“ од 1995 година ќе биде анексирана кон Израел.

Според договорот, Зоната Ц е 60 проценти од вкупната територија на Западниот Брег.

„Ние ќе анектираме 30 проценти од Западниот Брег. Покрај тоа, нема да издаваме одобренија за градење на Израелците или Палестинците за останати 50 отсто од Зоната Ц за четири години”, рече Нетанјаху, одговарајќи на прашање за тоа како да се спроведе т.н. американски мировен план за Блискиот исток.

На прашањето дали на Палестинците ќе им биде дозволено да формираат држава во преостанатите 70 проценти од областа на Западниот Брег, Нетанјаху одговори дека станува збор за посебно прашање.

Тој повтори дека се уште е подготвен да преговара со Палестинците за т.н. мировен план на САД за Блискиот исток.