Нетанјаху ја повика на формирање влада на национално единство


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа повика на формирање „влада на национално единство“ откако во големата офанзива на палестинското исламистичко движење Хамас во земјата загинаа повеќе од 800 луѓе.

– Ги повикувам опозициските лидери веднаш да формираат итна влада на национално единство, без предуслови, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање.

Нетанјаху, кој ја предводи коалицијата на десничарски, крајно десничарски и ултраортодоксни еврејски партии, се соочува со една од најголемите кризи во историјата на земјата.

Тој во својот говор детално ги изнесе точките од својата програма.

Тоа се: враќање на контролата врз териториите, „елиминација на терористите“ кои сè уште се присутни во Израел, „масовен“ напад врз Хамас со „невидена сила“, „зајакнување на други фронтови, на север против Хезболах и на Западниот Брег, продолжување на кампањата за поддршка на меѓународната заедница и „единството на народот“ преку формирање влада на национално единство.

Пред два дена лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид повика на формирање „вонредна влада“ за справување со „тешката и сложена операција“.

Лапид, исто така, рече дека се сретнал со Нетанјаху и му рекол дека во оваа вонредна ситуација е подготвен да ги остави настрана несогласувањата и да формира вонредна, професионална влада со него.