Нетанјаху ѝ нареди на израелската армија да заземе „70 отсто од Појасот Газа“ наспроти договорот за прекин на огнот
Бенјамин Нетанјаху изјави дека ѝ дал наредба на израелската армија да ја заземе контролата врз 70% од Појасот Газа, потег што се заканува да го торпедира веќе кревкиот прекин на огнот и да создаде катастрофални хуманитарни услови на веќе опустошената територија.
Според прекинот на огнот, посредуван од САД, во октомври, израелската армија се повлече до линијата на демаркација, што му даде на Израел директна контрола врз 53% од окупираната територија. Оттогаш, израелските сили постојано ги прошируваат своите позиции кон запад во половината од Појасот контролирана од Хамас и прогласија ничија земја западно од неа, во која тие тврдат дека имаат право да одлучуваат кој може да влезе и да отвори оган врз секој што се смета за закана. Во последните денови, вооружените милиции поддржани од Израел презедоа водечка улога во празнењето на територијата долж линијата на прекин на огнот, велејќи им на жителите да ги напуштат своите домови или засолништа.
Во текот на осумте месеци од прекинот на огнот, израелските сили продолжија да отвораат оган врз Палестинците во дометот на „жолтата линија“ што го дели појасот и да извршуваат воздушни напади подлабоко во западна Газа, убивајќи повеќе од 900 Палестинци од почетокот на примирјето.
Зборувајќи на конференција во окупирана населба на Западниот Брег, Нетанјаху, кој се бори за својот политички опстанок пред изборите во следните неколку месеци, го објасни обемот на територијалните цели на Израел. Израелскиот премиер рече: „Моментално го притискаме Хамас. Сега контролираме 60% од територијата во појасот. Знаете, бевме на 50, се префрливме на 60. Мојата директива е да се префрлам на… 70%.“
Министерот за одбрана, Израел Кац, во средата изјави дека крајната цел на владата е голем број Палестинци да ја напуштат Газа преку она што тој го нарече „доброволна миграција“, а што активистите за човекови права го опишуваат како долгорочен план за етничко чистење со тоа што условите за живот во Газа ќе бидат неподносливи.
Проширувањето на израелската воена контрола би претставувало директно кршење на октомврискиот прекин на огнот, резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која беше одобрен и мировниот план на Доналд Трамп од 20 точки, кој постави привремена „жолта линија“ што ја дели Газа на половини управувани од Израел и Хамас во исчекување на понатамошни мировни преговори.
Планот на Трамп, исто така, вели: „Никој нема да биде принуден да ја напушти Газа, а оние што сакаат да заминат ќе можат слободно да го сторат тоа и слободно да се вратат. Ќе ги охрабриме луѓето да останат и ќе им понудиме можност да изградат подобра Газа“.
Мухамед Шехада, гостувачки соработник во Европскиот совет за надворешни односи, рече: „Нетанјаху сега го прогласува целиот договор со Трамп, рамката за Газа, за ништовен. Тоа е кажано накратко. Нема друг начин да се формулира“.
Израелските сили систематски ги уништија преостанатите згради во нивната зона, па затоа нејзиното проширување на 70% од Газа би значело дека 2,2 милиони Палестинци кои ја преживеале војната ќе бидат збиени во помалку од една третина од нивната првобитна територија, која веќе беше пренаселена.
„Условите таму се веќе ужасни. Тоа е единственото најпренаселено место на планетата“, рече Шехада. „Секој квадратен метар има уште едно раселено семејство, уште еден импровизиран шатор или некаков вид импровизирано засолниште на него. Значи, тоа би била смртна казна за многу луѓе кои физички немаат каде да одат.“
Израелските сили постојано ја прошируваат својата област на контрола во текот на прекинот на огнот. Брифингот на ОН во недела за раководителите на хуманитарните агенции кои работат во Газа евидентираше некои од најновите напади. На пример, во северниот округ Џабалија, презентацијата на ОН, која ја виде Гардијан, вели: „Напредокот на тенковите [беше] пријавен секојдневно – беспилотни летала таргетираа секое движење во близина [на] жолтата линија“.
Исто така, беше објавено дека израелските тенкови напредуваат источно од јужниот град Кан Јунис.
Брифингот на ОН се однесуваше на милицијата што се бори против Хамас, а е поддржана од Израел и е предводена од воениот водач во Газа, Ашраф ал-Манси, велејќи дека напредувала кон запад од жолтата линија околу Џабалија минатата недела. Ваквите милиции се сè поактивни по жолтата линија, очигледно функционирајќи како ударни трупи за израелската армија, извршувајќи напади врз Хамас, но исто така кажувајки им на палестинските жители во близина на жолтата линија да ги напуштат своите домови. Ваел Најеф Абу ал-Аџин, 26-годишник кој живее источно од Деир ал-Балах во јужна Газа, рече дека неговото семејство било принудено да се исели од милициите претходно овој месец.
„Беше околу 13 часот кога вооружени мажи поврзани со милициите влегоа во нашата област. Тие отидоа во домовите на семејството Абу ал-Аџин и ги информираа дека имаат рок до 22 часот да ги евакуираат сите куќи во областа“, рече Аџин. „Им наложија да земат каков било мебел и работи што можат да ги носат и да ги испразнат куќите колку што е можно повеќе. Исто така, им рекоа да не се враќаат додека не бидат контактирани и информирани дека тоа е дозволено.
„Како резултат на тоа, сите паничија, а луѓето постепено почнаа да го напуштаат и да го преместуваат својот мебел и сите работи што можат да ги носат сè додека областа не беше речиси целосно испразнета.“
Насер Хдур, истражувач во групата за мониторинг „Проект за локација и податоци за настани во вооружен конфликт“, рече: „Видовме дека милициите не само што го напаѓаат Хамас, туку и придонесуваат за поместување на жителите што живеат близу до нивната линија, подалеку кон запад.
„Видовме убивање, апсење и киднапирање на цивили што живеат во овие области, а неодамна има и зголемување на патролните активности на милициите.“
Резолуцијата на Советот за безбедност на ООН донесена во ноември, го делегираше следењето на прекинот на огнот на Одборот за мир назначен од Трамп, кој го именуваше бугарскиот дипломат-ветеран на ОН, Николај Младенов, за „висок претставник во Газа“. Младенов беше широко критикуван за неговиот извештај до Советот за безбедност минатата недела, во кој главната вина за неуспесите на прекинот на огнот му ја припиша на Хамас, обвинувајќи го дека одбива да се разоружа, без да го повика Израел за неговите прекршувања. Хамас сигнализираше дека е подготвен да разговара за разоружување откако Израел ќе ги исполни своите обврски според првата фаза од прекинот на огнот, особено со прекин на бомбардирањето на Газа и повлекување кон оригиналната жолта линија.
Гершон Баскин, израелски аналитичар кој учествувал во неколку израелско-палестински преговори преку задни канали, рече дека верува оти оригиналниот план за прекин на огнот пропаднал. Тој рече: „Моето разбирање е дека преговорите со Хамас се завршени. Американците му дадоа на Хамас понуда за план за разоружување, кој ги зеде предвид сите работи што Хамас ги побара пред два месеци, но Хамас не одговори“.
Баскин рече дека верува оти САД сега ќе се префрлат на резервен план насочен кон извршување на реконструкциски работи во израелската „зелена“ зона и ќе им дозволат на Палестинците да се преселат таму од „жолтата“ зона управувана од Хамас, кои биле проверени за врски со Хамас или други радикални групи.
Баскин рече: „На крајот на краиштата, единствените луѓе што остануваат во жолтата зона, според Американците, се Хамас и другите вооружени групи. И тогаш Израел ќе биде слободен да се справи со нив како што сака. Ова е размислувањето, ова е планирањето и ова е она што го гледам дека се случува во наредните недели и месеци“. (Гардијан)