Несторовски наскоро со нов клуб: Македонскиот напаѓач си оди од Палермо и ќе игра во Серија А


Македонскиот фудбалски репрезентативец и досегашен капитен на италијански Палермо, Илија Несторовски, донел одлука каде ќе ја продолжи својата кариера.

Според италијанските медиуми, следна дестинација на Нестор-гол ќе биде Удинезе, а според истите извори, Несторовски одбил повеќе понуди за да го засили клубот од Удине. Со ова, нашиот голгетер по две години ќе се врати во Серија А, откако изминативе две сезони со Палермо ги мина во Серија Б и имаше два неуспешни обиди за враќање во елитата.

Официјализацијата на трансферот се очекува во следните неколку дена, а Несторовски го избрал Удинезе покрај понудите од Црвена Звезда, Болоња, Торино, Џенова, Сасуоло, Олимпијакос…

По Несторовски, нов клуб ќе си најде и вториот македонски интернационалец од редовите на Палермо, Александар Трајковски, кој изминатите денови се поврзуваше со преселба кај повратникот во Серија А, екипата на Лече.

Палермо минува низ вистински пекол и на клубот му се заканува згаснување. Имено, откако клубот се избори за бараж за влез во Серија А, газдата на Палермо се соочи со обвиненија за финансиски малверзации, а клубот првично беше исфрлен во Серија Ц, но потоа одлуката беше променета и му беа одземени 20 бода со што Палермо го загуби правото да игра бараж за влез во Серија А, а наскоро се очекува да се прогласи банкрот и сите играчи се слободни да си заминат, бидејќи никој од вработените во клубот не земале плата, за што беше известена и јавноста.