Несогласувањето во Сириза е резултатот на внатрепартиските избори за претседател


Се чини дека единственото „несогласување“ на оние кои денеска ја напуштија партијата е резултатот на внатрепартиските избори за претседател и нивното одбивање да ја прифатат демократската одлука на десетици илјади членови на СИРИЗА, соопштија од грчката опозициска партија по одлуката на девет пратеници да си заминат и да станат независни, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА коментираат дека е „тешко да се одговори на првиот расцеп во историјата на левицата и прогресивната политика што се случува надвор од политичките тела, надвор од партиските процеси, без политички спор и без суштински несогласувања“. 

– Историјата ќе пресуди. Левичарските и прогресивни граѓани ја избраа СИРИЗА да биде официјална опозиција во Парламентот, силен глас во општеството, во битките за рушење на десничарската и антинародна политика на Владата на НД-Мицотакис, соопштија од грчката партија.

Утрово, девет актуелни пратеници од СИРИЗА, односно фракцијата предводена од кандидатката за партиски лидер Ефи Ахциоглу станаа независни и заедно со двајцата пратеници кои претходно си заминаа од партијата, веројатно е дека ќе формираат нова пратеничка група во Парламентот.

Најголемата грчка опозициска партија, откако за лидер го избра Стефанос Каселакис загуби вкупно 11 пратеници и од 47 по изборите, сега има 36 пратеници.