Нервоза во НСДП – еден или 10 кандидати за наследник на Тито Петковски


Тито Петковски и Горан Мисовски

 

Откако вчера беше испратено соопштение до медиумите дека Одборот за организација на следниот конгрес на НСДП предложил единствен кандидат за наследник на Тито Петковски да биде сегашниот потпретседател и пратеник, Горан Мисовски, предизвика реакции кај членството на партијата. Меѓу другите и кај Петковски.

Во соопштението се наведуваше дека 10 членови од 17-те на Извршниот одбор ја поддржале одлуката за Мисовски. Но Петковски вели дека таа одлука е нестатутарна. Во изјава за „НоваТВ“ Петковски вели дека „одлуката на Одборот за подготовка на конгресот е надвор од Статутот и е донесена во мое отсуство, откако јас ја затворив седницата и заминав“. Тој неодамна најави дека ќе се повлече од лидерското место во партијата по 17 години, од самиот почеток на нејзиното постоење.

Според него, постапката на дел од неговите сопартијци не била ниту во духот на партискиот договор за постапката, начинот и критериумите за кандидирање и избор на делегати за петтиот конгрес на НСДП. 

Тој вели дека од општинските организации пристигнале предлози за десет кандидати за претседател на НСДП и дека на синоќешната седница на одборот за подготовка на конгресот не било договорено Мисовски да биде единствен кандидат. Напротив, расправата требало да продолжи на Централниот одбор в сабота.

„Изненаден сум од оваа постапка на моите партиски соработници“, вели Петковски.