„Неприродна ситуација“: Омбудсманот нашол многу готови пасоши, МВР не ги издава

Народниот правобранител му укажува на МВР подобро да се организира за да ги предаде готовите документи на граѓаните


 

И Народниот правобранител го потврди она за што се зборува и официјално и неофицијално: дека во МВР има стотици и стотици готови лични документи (меѓу нив и пасоши), но поради непознати причини не им се издаваат на граѓаните.

Омбудсманот Насер Зибери на прес-конференција оцени дека се работи за „сериозен проблем“ и „неприродна ситуација“.

Тој соопшти дека тимови на Народниот правобранител посетиле двата главни пункта во Скопје – во  МРТВ и во Кисела Вода и ги потврдиле наводите од претставките упатени до нив дека дека има „сериозен број исправи“ (лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, но и пасоши) „ставени настрана и нема увид органот за нивно распределување односно издавање иако се завршени“.

Народниот правобранител му укажува на Министерството за внатрешни работи да се реорганизира за да го нормализира издавањето готови лични документи на граѓаните кои веќе се фотографирале за нови исправи откако претходно одвај успеале и да закажат термин.

Тимови на Народниот правобранител досега им помогнале на граѓани на кои итно им бил потребен пасошот што не успеале да го подигнат, најчесто за некој вид патување (за лекување, спортско, деловно или научно патување) и во соработка со служби на МВР тие ги нашле готовите документи.

„Но, ова е неприродна ситуација. Министерството за внатрешни работи  тоа треба да го прави по службена должност и да им ги даде документите, а не ние. Укажуваме МВР да направи добра реорганизација на процесот и нормално да тече издавањето готови исправи.

Доста чекаат за добивање термин, па за фотографирање, обработка и одобрување, па уште и за издавање да се чека“, рече Зибери.

Омбудсманот се осврна и на „проблем во најава пред одржување на изборите“ кој се однесува на дел од граѓани кои во меѓувреме наполниле или ќе наполнат 18 години, а немаат ниту лична карта ниту пасош.

„Ќе се доведе во прашање нивното право на учество на изборите што е уставно загарантирано.

Дел од тие лица имаат патна исправа, но, за жал, со стар образец, што значи согласно постојната регулатива тие исправи се невалидни за учество во изборниот процес, рече народниот правобранител и порача дека „доколку Владата не преземе нешто, може многу граѓани да бидат ставени во ваква деликатна ситуација“, рече Зибери.

Затоа побара Владата веднаш да го разгледа проблемот – да ги најде оваа група граѓани и да им обезбеди приоритет во постапката за обезбедување лични карти.

„Исто како што тоа им се овозможи на превозниците, иако тоа е многу помал број, но има време до првиот круг на изборите односно до средината на април“, додаде правобранителот.

Исто така тој укажа и на непримената на член 7 од Законот за лични карти  кој одредува дека на граѓаните над 65 години треба да им се издава лична карта со трајна важност.

Наместо тоа, МВР и натаму издава со важност од десет години.