„Непријатност во културата“ – нова книга есеи на Гоце Дртковски


Во издание на издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“ од Скопје деновиве излезе од печат новата книга на авторот Гоце Дртковски – „Непријатност во културата“, со поднаслов „За предморалноста и другите демони“.

Во книгата со есеи, Дртковски ја проблематизира културната атмосфера во земјава и особено го истакнува проблемот на релативизирање на вредностите во културата, што создава легална платформа за коруптивно делење на јавни пари. Според него, последица на ваквите односи е провинцијализацијата на македонската култура.

Гоце Дртковски работи како новинар, колумнист, автор е на книгите „Затворено општество“ (1994), „Слободен новинар“ (1998) и „Вонредна состојба“ (2016). Дртковски е дел од уредништвото на меѓународното списание „Политичка мисла“ (2003 – 2016).

Во книгата, во текстот со наслов „Паланката – центар на светот“ од угледната универзитетска професорка д-р Анета Серафимова, се поместени проверени факти поврзани со состојбата во културата и образованието во Македонија. Во поговорот, „Културата и предизвиците на (не)времето“, Гоце Смилевски со интегритет на голем писател, ја облагородува мислата присутна во есеите.