„Непријателски бран“ уби Американка на крузер во водите на Антарктикот


Крузерот со норвешко знаме „Викинг поларис“ во Ушуаја, јужна Аргентина, на 1 декември, по смртта на патник во него (Фото: АФП)

 

Еден патник загина, а четворица се повредени кога „непријателски бран“ го погоди нивниот брод за крстарење за време на невремето претходно оваа недела.

Патниците патувале на крстарење на Антарктикот со крузерот „Викинг поларис“ кога бил погоден од невреме додека пловел кон Ушуаја, Аргентина, доцна во вторникот навечер.

Невремето предизвика огромен бран кој скрши неколку стакла на крузерот и тие паднаа врз една Американка и ја усмртија.

„Викинг крузис“ потврди во соопштението објавено во саботата дека бродот бил погоден од „непријателски бран“ – тип на бран што американската Национална океанска служба го опишува како „двојно поголем од околните бранови“.

„Со голема тага потврдивме дека еден гостин починал по инцидентот“, рече „Викинг крузис“.

Не го откри името или националноста на патникот.

Сепак, аргентинската државна новинска агенција Телам јави дека загинатиот патник е Американка која „примила удари од стаклена површина која се урнала среде бура“.

„Други четворица гости се здобија со повреди кои не се опасни по живот за време на инцидентот и им беше укажана помош од лекарите и медицинскиот персонал на бродот“, рече „Викинг“.

Линијата за крстарење соопшти дека истражува и дека го откажала следното патување на „Викинг поларис“ планирано за 5 до 17 декември.

Бродот пристигна во Аргентина во средата и претрпе „ограничена штета“ за време на инцидентот.

Американската национална служба за океани ги опишува непријателските бранови како „многу непредвидливи“ и вели дека тие често доаѓаат неочекувано од други насоки освен од преовладувачкиот ветер и брановите.