Непознат сторител ограбил починат пациент во ковид-центарот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“


Фото: Б. Грданоски

Непознат сторител одзел паричник од хоспитализиран 72-годишен пациент, кој починал во ковид-центарот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Случајот во полиција го пријавил вчера неговиот син, информираат од МВР.

Во ковид-центарот во рамки на Комплекс клиники „Мајка Тереза“, вчера во полција бил пријавен и друг случај, каде пациент со остар предмет се заканувал на вработена.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на двата случаи.

Првиот случај бил пријавен вчера во 9:30 часот во Полициска станица Центар.

– Г. К. (48) од Скопје пријавил дека во периодот од 21 до 29.11.2020, во ковид-центарот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде бил хоспитализиран неговиот татко Д. К. (72), кој починал во центарот, од страна на непознат сторител одземен му е паричник во кој имало  пари, лични документи и предмети, се вели во соопштението до МВР.

Вториот случај бил пријавен вчера околу 23:50 часот, исто така, во Полициска станица Центар.

– На 30.11.2020 околу 23.50 часот во Полициска станица Центар е пријавено дека во во ковид-центарот во рамки на Комплекс клиники „Мајка Тереза“, околу 22.30 часот пациент со употреба на остар предмет упатил закани кон вработената А.М.(31) од Скопје, информираат од МВР.