Непал и Кина ќе ја објават новата висина на Монт Еверест


Во некое време во блиска иднина – по чекање од една деценија – светот ќе ја дознае новата висина на Монт Еверест.

Кина и Непал се здружија за да ја измерат највисоката планина во светот која се наоѓа меѓу нивните граници и, според меморандумот за разбирање од 2019 година, тие мора заедно да ги објават своите наоди. Објавата, наводно, била одложена поради пандемијата.

Непал испрати свој тим на врвот во 2019 година, додека експедицијата на Кина се случи во мај оваа година.

Двете земји историски не се согласуваа околу официјалната висина, но во 2010 година се согласија да ги надминат своите разлики.

„Кинеската страна… го прифати тврдењето на Непал дека висината на снегот на Монт Еверест е 8.848 метри, додека непалската страна го призна кинеското тврдење дека висината на карпата на планината е 8.844,43 метри“, рече тогаш кинеското Министерство за надворешни работи.

Сите мерења до денес се спроведени од американски, европски или индиски геодети, наместо од земјите каде што лежи Еверест.

Висината на Еверест беше прогласена за 8.840 метри од страна на Големото тригонометриско истражување (ГТС) од Индија во 1856 година. Таа флуктуираше со текот на времето, во зависност од геодетот и дали мерењето е направено на највисоката карпеста точка или на највисоката точка на снегот, што е предмет на промена.

Кристофер Пирсон од Универзитетот во Отаго во Нов Зеланд за „Непали тајмс“ изјави: „Висината на Еверест постојано се менува поради тектонската активност, од која земјотресот во Горка во 2015 година е само најновиот придонес“.

Според весникот, двете страни користат и различни точки на нивото на морето како референца за нивните мерења. Кина го користи Жолтото Море додека локацијата на Непал е поблиску до брегот на Бенгалскиот Залив.