Неопходни се реформи во внатрешниот пазар и конкурентноста за да се изгради функционална пазарна економија
Панел-дискусија „Македонската економија е европска – мобилност, конкурентност, развој“
Зачувувањето на административниот капацитет и негово зајакнување ќе овозможи полесно отстранување на сите можни забелешки наведени во Извештајот на ЕК, односно подобри и поквалитетни решенија што ќе значат подобра перспектива за сите подеднакво. Во однос на економијата, она што е важно, а се однесува на двата кластера внатрешен пазар и конкурентност, е со реформите да постигнеме функционална пазарна економија и да ја подготвиме нашата економија да се справува со конкуренцијата во ЕУ. Ова беше посочено на третата панел-дискусија на тема „Македонската економија е европска – мобилност, конкурентност, развој“ во организација на Секретаријатот за европски прашања, на која се дискутираат клучните предизвици поврзани со Кластерот 2 – „Внатрешен пазар“ и Кластерот 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“.
Вицепремиерот за економски прашања и координатор на Кластерот 2, Фатмир Битиќи, на панелот рече дека Владата активно работи на подобрување на капацитетите на администрацијата, којашто би требало да биде носител на преговорите кои веќе се започнати.
– И една од најчестите забелешки, како и во последниот извештај на Европската комисија е процесот на кој ние покрај напорите да има континуитет, мораме дополнително сериозно да се посветиме, а тоа е како да ја задржиме администрацијата и соодветниот капацитет на администрацијата за да одговори на предизвиците. И тоа, јас кажувам дека мораме да го направиме не заради тоа што мораме да ја адресираме оваа забелешка затоа што ЕК ни ја дава, туку затоа што зачувувањето на административниот капацитет и негово зајакнување ќе и овозможи за полесно отстранување на сите можни забелешки и тоа значи подобри и поквалитетни решенија коишто ќе значат наредниот период подобра перспектива за сите подеднакво – дали се тоа млади или која било засегната група на нашата држава, рече Битиќи.
Кога веќе зборуваме за административниот капацитет, додаде Битиќи, како што во еден од првичните состаноци ги имавме со Владимир Дробњак, главен преговарач на Хрватска, кој сега е советник на нашата Влада, административниот капацитет и во примерот на Хрватска слично како и кај нас, бил низок при почетокот на преговорите и тој тековно бил подготвуван, и покрај високиот облик на административните службеници во текот на преговорите. Според него, ова во голема мера ќе треба да го имаме предвид и ќе мораме да гледаме попроактивно.
Тој нагласи дека од друга страна имаме и ситуации кога веќе имаме усвоено конкретни закони или подзаконски акти, но заради нивната природа, имплементацијата ќе започне од 1 јануари 2023.
– Класичен пример за тоа е новата легислатива поврзана со платните системи која носи неколку промени за целокупниот финансиски сектор, а особено банките. Со оваа реформа нашиот финансиски сектор дополнително се усогласува со директивите на ЕУ и за финансиски колатерал. Комплетно усогласување се очекува да се постигне во текот на 2023 и 2024 година, рече тој.
Во однос на другите поглавја во кластерот Битиќи смета дека во голема мера ќе имаме подобрување на оценките од страна на Европската комисија, особено по усвојување на нашата легислатива за новиот закон за работни односи, којшто до крај на оваа година очекуваме да биде поставен на ЕНЕР, како и ма новиот Закон за потрошувачи кој од неодамна стапи во сила.
– Сметам дека носењето на системски закон, како што е Законот за работни односи ќе одговори на неколку прашања, секако поврзан со трите слободи, но сметам дека за нас и за стопанството ќе треба соодветно да одговори на потребата од работна сила која што во последен период сите ја зборуваме, но не многу се зафаќаме со негово решавање, рече Битиќи.
Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека Спогодбата за асоцијација и стабилизација беше главен инструмент по кој ние ги спроведувавме реформите и политиките, а сега кластерите дополнително ќе бидат не само поддршка, туку ќе ја дадат и динамиката на забрзување на сите реформи во делот на преговорите со ЕУ.
Според Бесими, она што е важно, а се однесува на двата кластера внатрешен пазар и конкурентност, е со реформите да постигнеме функционална пазарна економија – тоа се институциите и да ја подготвиме нашата економија да се справува со конкуренцијата во ЕУ.
– Тоа е клучното. Ние сакаме да станеме членка на ЕУ, но треба да се спремиме за да се справиме со таа конкуренција и со тој пазар. Мислам дека целата реформа и програма за развој на нашата земја е функционалната демократија за да можеме да чекориме исправно до влез во ЕУ, истакна Бесими.
Министерот за финансии рече дека законите се усогласуваат со европските, посочувајќи го новиот Закон за сметководство каде што има многу иновативни решенија, чија примена ќе почне од 1 јануари, како и законите за банки, за депозити, за перење на пари…
Тој посочи дека засега нерезиденти не можат да купуваат земјоделско земјиште, но кога ќе станеме земја членка на ЕУ тогаш целосно ќе мора да има измена и во тој дел. Реално, додаде министерот, ќе се менува начинот на живот и водење бизнис кај нас.
– Очекувам дека од овој процес ќе имам корист и сега ќе влеземе во „рингот“ и да покажеме дека сме рамноправни и дека можеме да се соочиме со тоа што се случува во ЕУ, истакна Бесими.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека со оглед на тоа што Министерството има широко портфолио и покрива значајни области, активно е вклучено во повеќе поглавја, главно Поглавјето 19, меѓутоа дел од неговата надлежност е и слободното движење на работниците.
– Слободното движење на работниците е едно од главните достигнувања и едно од клучните слободи загарантирани во рамките на внатрешниот пазар на ЕУ и со право се смета за срце на европскиот проект, затоа што овозможува на милиони граѓани слободно да се движат, да работат, да се образуваат буквално низ целата територија на ЕУ, рече Тренчевска.
Таа истакна дека правото на работа, правото на студирање, на живеење, пензионирање во друга земја членка обезбедува безброј културни, образовни, економски придобивки, секако и социјални придобивки за граѓаните на земјите членки на ЕУ придонесува кон тоа пазарите на трудот да бидат поотворени и многу поефикасни и да ја зголемуваат и културната размена, меѓутоа и можностите за образование на граѓаните.
– Иако можностите за новите членки на ЕУ обично се предмет на преодни аранжмани и ограничувања, сепак придобивките од отворениот пазар на труд се очигледни и затоа ова е меѓу најголемите двигатели токму и на нашиот процес за интеграција на ЕУ. За Поглавјето на слободни движења на работниците вообичаено е пониска фаза на усогласување во оваа фаза од интеграцијата зошто пристапот до пазарот на труд досега и државите членки го даваат секако подоцна. Споредено со регионот, главно стоиме добро и на едно исто ниво со останатите држави што сега преговараат, а додека предничиме пред другите држави, рече Тренчевска.
Таа нагласи дека земјава се усогласува со релевантното законодавство на ЕУ во оваа област уште од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како во самото законодавство, така и во однос на подготовката на институционалните капацитети на државата.
Во рамки на панелот се одржува и сесијата посветена на Кластерот 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“, на која говореа министрите за образование Јетон Шаќири, за култура Бисера Костадинова Стојчевска и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и извршната директорка на Фајнанс Тинк, Благица Петревски.
Вицепремиерот Маричиќ ги организира овие настани посветени на промоција на годишниот Извештај на Европската комисија за земјава за 2022 година под слоганот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“, со цел во инклузивен состав да се дискутираат предностите и слабостите нотирани во првиот Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија, после отворањето на преговорите со ЕУ.
Панел дискусиите се организирани со поддршка на Шведска преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС.
Првата панел-дискусија со наслов „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“ беше посветена на кластерите 1 и 6, односно на „Фундаментални вредности“ и „Надворешни односи“. На втората панел-дискусија во рамки на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“ се дискутираа кластерите 4 и 5 посветени на „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ и на „Ресурси, земјоделство и кохезија“.