Неопходна е заедничка акција за остварување на Целите за одржлив развој и елиминирање на сиромаштијата до 2030.


 

Забрзување на дигитализацијата, учество во климатска акција, зачувување на биодиверзитетот, циркуларна економија, родова еднаквост, социјален прогрес и оддржлив економски раст, се дел од темите кои денеска беа презентирани преку публикацијата посветена на Целите за одржлив развој, изработена од Програмата за развој на Обединетите нации во Скопје – УНДП и Институтот за човекови права.

„Целите за одржлив развој, се храбра и амбициозна агенда која има за цел да ја елиминира сиромаштијата во сите форми до 2030 година. Ова значи создавање активности кои ги имаат во фокус најранливите категории и подобрување на сервисите и ресурсите на нивно располагање. Покрај сите напори, од различни чинители, Северна Македонија се уште има долг пат пред себе, за да ги оствари Целите за одржлив развој, а нашата канцеларија е тука да ги поддржи сите процеси за остварување на заедничките аспирации. Публикацијата која ја промовираме денеска, содржи и идеи од граѓани, на кои сакавме да им дадеме простор за нивните размислувања како може да се надминат развојните предизвици на денешницата“, изјави на промоцијата Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Публикацијата содржи 14 труда, одбрани преку повик за собирање на идеи од јавноста како да се забрза остварувањето на Целите за одржлив развој во земјата и ќе помогнат во пристапниот процес кон Европската унија, а се напишани од академици, граѓански организации, експерт и студенти.

„Веруваме дека Агендата 2030 може да послужи како патоказ кон иднината за поттикнување на инклузивен раст и заштита на човековите права. Во исполнувањето на Целите за одржлив развој, неопходно е да се осигураме дека и најранливите меѓу нас нема да бидат занемарени или маргинализирани во нашата борба кон напредокот“, рече на презентацијата извршната директорка од Институтот за човекови права, Јелена Кадриќ.

Покрај презентацијата на трудовите во публикацијата, за начинот како тие и институциите што ги претставуваат работат на остварување на целите за одржив развој, говореа деканот на правниот факултет „Јустинијан Први“, професор Сашо Георгиевски, директорката на Институтот за Европски Политики,Симонида Кацарска, потпретседателот на Стопанска Комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски и новинарката Катерина Топалова.