Неопходен е нов закон за работни односи, согласно новата практика
Неопходна е детална и темелна ревизија на регулативата од областа на трудовото право во нашата земја и донесување нов Закон за работни односи со кој ќе се пополнат досегашните правни празнини и контрадикторности, и кој истовремено ќе понуди современи решенија кои произлегуваат од развојот на науката и практиката во оваа сфера.
Дополнително, треба да се работи многу повеќе на имплементацијата на законите во доменот на работните односи преку зајакнување на социјалниот дијалог и колективното договарање, зголемување на капацитетите и надлежностите на трудовиот инспекторат како и забрзување на судските постапки за споровите од работен однос и намалување на финансиските трошоци во таквите постапки.
Ова се клучните оценки на домашните експерти од оваа област, кои обединети во новоформираното Здружение за трудово и социјално право ја одржаа својата прва конференција, на која меѓу останатото се дебатираше за состојбите, проблемите и предизвиците кои треба да се решаваат со новото работно законодавство во нашата земја.
„Оваа конференција е одлична можност на едно место да се слушнат ставовите и мислењата на учесниците во трипартитниот социјален дијалог, а тоа се претставниците на Владата, на организациите на работодавачите и на синдикатите за новото работно законодавство кое треба да биде усвоено во следниот период. Посебен придонес во оваа дискусија се очекува од членовите на академската и научната заедница, кои преку аналитички и критички осврт ќе се обидат да дадат предлози од стручен аспект за тоа како да се регулираат и решат одредени состојби и предизвици“, изјави претседателот на Здружението за трудово и социјално право, проф. д-р Тодор Каламатиев, потенцирајќи дека „Токму стимулирањето на инклузивен дијалог и критичко размислување во насока на подобрување на македонското работно и социјално законодавство е една од стратешките програмски цели на новото Здружение“.
На конференцијата се презентираа и искуства од примената на повеќе други законски прописи, како што се: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници и Законот за социјалната заштита, а се разгледуваа и искуствата на земјите од регионот во областа на работното законодавството и нивното хармонизирање со правото на Европската Унија.
„Благодарение на поддршката што ја добиваме од Меѓународната организација на трудот, на оваа конференција ќе биде промовирана и дигиталната база на податоци – CEELex, која содржи информации за трудовите законодавства на земјите од Централна и Источна Европа. Оваа база претставува значаен ресурс на релевантни прописи и знаење кое станува достапно за домашните експерти, истражувачи и практичари на трудово право, но и за државната администрација, работодавачите и синдикатите. Тоа знаење треба да им помогне во формулирањето на релевантни ставови и мислења, како и во креирањето на политиките поврзани со значајни теми од областа, како што се: договорите за вработување, минималната плата, работното време, колективното договарање, правната рамка на откажување на договорите за вработување и други актуелни прашања“, објаснува доц. д-р Александар Ристовски, кој е еден од основачите на Здружението за трудово и социјално право.
Организацијата на првата конференција на новото Здружение е поддржана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамките на одбележувањето на 100 години од основањето. Истовремено оваа активност на МОТ е дел од континуираните напори и активности за имплементација на меѓународните стандарди во областа на трудот и за следење на нивното спроведување.
„Целта на МОТ е да осигури дека напорите на Владата, работодавачите и работниците за поставување на стандарди за трудот, следење на нивното спроведување, јакнење на свеста, развивање на политики и изготвување програми се засноваат на потребите на работните жени и мажи. Истовремено, работиме на тоа на трите партнери во социјалниот дијалог да им овозможиме пристап до компаративни меѓународни искуства, како и до мислењата на домашните експерти од областа на трудовото и социјалното право, кои треба да бидат активно вклучени и консултирани во подготовката на новите законски решенија и во оваа област“, вели националниот координатор на МОТ во земјава, Емил Крстановски.
Здружението за трудово и социјално право е основано во јули оваа година. Меѓу неговите основачи и членови се вбројуваат поранешни и сегашни универзитетски професори, членови на Катедрата по трудово и социјално право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, како и други истакнати правници, претставници на социјалните партнери и истражувачи. Стратешките цели на Здружението меѓу останатите опфаќаат: проучување на трудовото и социјалното право во најширока смисла; обезбедување научен и стручен придонес во процесот на хармонизирање на македонското трудово и социјално право со правото на ЕУ; охрабрување на најтесна соработка и вмрежување на сите чинители во областа на трудовото и социјалното право; промовирање на пристојната работа за сите и активна заложба за почитување на фундаменталните принципи и права на работата; давање стручна помош и поддршка на младите луѓе при влезот на пазарот на труд и промоција на нивните интереси и права и други.