Неодговорно е да се размислува за оставка, Владата останува посветена на реформите, порача Арсовски

Би било неодговорно Владата да поднесе оставка, неодговорно кон мнозинството граѓани кои само пред неколку месеци ѝ дадоа поддршка токму на оваа Влада за да ја водат одговорни политичари, убедени дека ќе се реализира европската агенда, изјави владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на прашањето дали премиерот Зоран Заев  ќе поднесе оставка зашто нема почеток на преговори со Европската Унија.

Владата останува посветена на реформите кои, рече Арсовски, се дел од патот кон членство во ЕУ, посочувајќи дека земјава годинава стана членка на НАТО, а во март Советот на ЕУ едногласно, вклучително и Бугарија, одобри почеток на преговори со Северна Македонија.

– Во март имаше и исклучително позитивен извештај од Европската комија за реформскиот напредок, каде што земјава е подобра од другите кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Така што, фокусот на оваа влада останува на она што беше определба пред изборите и навистина би било неодговорно во таа насока да се размислува за некаква оставка, рече Арсовски.

На прес-конференцијата на владините портпароли беше соопштено дека Владата вчера на седница не донела одлука за евентуална кризна состојба поради ширењето на заразата со КОВИД-19.

– Се чека да се одржи состанокот на Советот за безбедност ја претседателот на државата утре, а потоа не се исклучува можноста Владата да одржи седница на која ќе донесе нови мерки за справување со пандемијата, рече портпаролот Муамет Хоџа.

Беа соопштени и некои од заклучоците од вчерашната, 21-ва владина седница, меѓу кои задолжување на Министерството за здравство да спроведе јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи, Министерството за одбрана да дозволи дополнително распоредување медицински лица од своите редови за потребите на ЈЗУ, измени во законите за здравствена и социјална заштита.