Неочекувани резултати од анкета на „Фокус“ – политичкиот пејсаж е променет
За две партии, онаа на чело со Мицкоски и друга на чело со Груевски би гласале 19,3 отсто вмровски поддржувачи. Рејтингот на СДСМ пораснал на 15,8 отсто
Анкетата на неделникот „Фокус“ покажува дека некои работи со политичката аритметика се промениле во последниот период, од кои најважните се дека поддржувачите на Никола Груевски се многу силни во ВМРО-ДПМНЕ, и дека расте рејтингот на СДСМ.
„Фокус“ ја направил анкетата во соработка со агенцијата „Стратум Р&Д“ на почетокот на октомври на 1.200 испитаници преку телефонско јавување.
Краткотрајната еднонеделна „битка“ меѓу Никола Груевски и неговиот наследник во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според оваа анкета имало директно влијание врз поддржувачите на партијата. „Фокус“ поставил специфични прашања: прво, дали ќе гласате за ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски, а второ, дали ќе гласате за нова партија предводена од Груевски. Резултатите покажуваат дека вмровското гласачко тело е целосно поделено: за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 10,1 отсто, а за партија на чело со Груевски 9,2 проценти од граѓаните.
Нешто поради судирот во вмровскиот врв, нешто поради дел од политиките што ги спроведува владата, но СДСМ, барем според оваа анкета, се крева на погорни, дури неочекувани граници – за Социјалдемократскиот сојуз би гласале 15,8 отсто од анкетираните.
Ако ја споредиме оваа анкета со онаа на ИРИ направена во мај годинава се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ речиси не успеало да привлече нови поддржувачи (таму има 19 проценти поддршка), но забележлив е растот на СДСМ – кај ИРИ за него би гласале 11, а во анкетата на „Фокус“ 15,8 отсто.
Над 50% од испитаните граѓани во анкетата на „Фокус“ сметаат дека антикризните економски мерки на Владата даваат позитивен резултат. На прашањето „Дали сметате дека политиките на владата за ублажување на кризата предизвикана од војната во Украина, даваат позитивен резултат“ 19,3% се изјасниле дека „даваат значаен резултат“, 31,5% од граѓаните сметаат дека „даваат делумен резултат“. Оние што не се задоволни се за десетина проценти помалку.
Анкетата покажува дека колку повеќе се зборува за уставните измени, членството во ЕУ и „бугарскиот диктат“ граѓаните стануваат поамбивалентни. Изгледа неочекувано, но дури 50 отсто од испитаниците се изјасниле неутрално на прашањето „Дали би ги поддржале уставните измени потребни за одблокирање на преговорите со ЕУ“. Целосно против се 19%, а ги поддржуваат 35 отсто. На одреден начин тоа им дава потврда на податоците од анкетата на ИРИ каде проблемот со бугарскиот притисок при интеграцијата во ЕУ (или како што вели опозицијата – „бугарски диктат“) е дури на 13-то место од грижите на граѓаните.