Ненајавен протест во Рим: Вирусот е лага, гладни сме


Стотици луѓе се собраа денеска во Рим на ненајавен протест поради рестриктивните мерки во Италија, најдолги во Европа.

Тие протестираа за да укажат на тешката положба на луѓето кои се соочуваат со економските последици од блокадите. Медиумите пренесуваат дека протестот е организиран од страна на крајно десничарски групи.

Учесниците на протестот кои во главниот град на Италија се собраа откако се договориле на социјалните мрежи, извикуваа дека „вирусот“ (Ковид-19) е лага измислена да предизвика криза“, дека “има луѓе кои четири месеци не примиле плата“ и дека се гладни.

„Овде има луѓе кои немаат што да јадат. Не оставија нас да умреме“, рече една жена по потекло од Бергамо.

Светските медиуми пренесуваат дека дошло до инциденти на протестот, покренат на Фејсбук групата: Марш на Рим.

Полицајците интервенираа за да спречат нивно понатамошно движење по улиците, пренесоа италијанските медиуми.

„Ќе останеме овде, ќе го заземеме плоштадот „Венеција“ во Рим и ќе поставиме шатори. Владата не предаде“, рече еден од демонстрантите на разглас.

Вирусот Ковид-19 однесе повеќе од 33.000 животи во Италија и предизвика блокада од која Италија излегува со постепено попуштање на рестриктивните мерки.

Италија е прва земја во Европа која од почетокот а март воведе строги мерки на карантин на целата територија, а како што е најавено, на 3 јуни ги отвора регионалните граници, но и државните за доаѓање на луѓе од Шенген зоната.