Ненадејно почина ракометниот тренер Александар Јовиќ
Македонскиот ракомет изгуби голем работник и исклучителен спортски професионалец, откако ненадејно во текот на ноќта почина тренерот Александар Јовиќ на 51-годишна возраст.
Јовиќ, кој последно ја водеше екипата на македонскиот суперлигаш Пролет, остави длабока трага како тренер и играч. Во текот на својата тренерска кариера, беше асистент на Лино Червар во Металург, а самостојно ги водеше Металург 2 и Еурофарм Пелистер, со кого освои титула шампион на Македонија.
-Тинекс Пролет со огромно жалење ја информира јавноста за прераната смрт на нашиот тренер Александар Јовиќ. Сите сме во шок од информацијата добиена утрово, дека Јовиќ го во раните утрински часови го загубил животот, иако само неколку часа претходно ги водеше тренинзите на нашата екипа. Немаме зборови да ја опишеме загубата, не само за нашиот клуб, туку и за целокупниот македонски ракомет, врз кој Ацо Јовиќ остави длабока трага и како играч и како тренер – соопшти РК Тинекс Пролет.
Јовиќ е роден на 24 септември 1973 година во Бјелина, БиХ.
Како играч, Јовиќ беше дел од повеќе реномирани клубови, меѓу кои Металург, Вардар, Пелистер, Преспа, Борец од Македонија, како и Болоња од Италија, Сплит од Хрватска, Апатин од Србија и Слобода Тузла од БиХ.
Со својата посветеност, професионализам и знаење, Александар Јовиќ остави значајно наследство во македонскиот ракомет. Неговата прерана смрт е голема загуба за спортската заедница во земјата.