Немири во Џакарта по изборната победа на индонезискиот претседател Видодо

Во некои делови на Џакарта избувнаа немири откако изборната комисија на Индонезија потврди дека претседателот Џоко Видодо победи на изборите одржани минатиот месец, изјави гувернерот на индонезискиот главен град Ањес Басведан.

Приврзаниците на поразениот претседателски кандидат Прабово Субијанто се судрија со  безбедносните сили во главниот град на Индонезија, палејќи возила и фрлајќи камења врз полицијата, која одговорила со солзавец и гумени куршуми.

Речиси 60 лица се уапсени, а според локалните медиуми има и „неколку смртни случаи и десетина повредени луѓе“. Гувернерот на Џакарта, кој го поддржува Субијанто, изјави дека има „шест смртни случаи“, но нема официјална потврда.

Индонезиската изборна комисија соопшти дека претседателот Џоко Видодо освои втор мандат со 55,5 отсто од гласовите на изборите одржани на 17 април.