„Неминовен молк“ нова поетска книга од Глигор Стојковски 


Од печат излезе новата поетска книга на Глигор Стојковски насловена „Неминовен молк“. Станува збор за стихозбирка од 26 песни, поделени во три циклуси: првиот кој го носи истото име како и насловот на поетската книга, вториот „Зад билката, молк“ и третиот именуван „Преку мостот“.

Новата објава на Стојковски спојува и нови пеења и креативни препрочити на една негова претходна поетска книга. Во кусата авторска белешка Стојковски објаснува: „Првиот циклус ‘Неминовен молк’ се нови песни; вториот и третиот, всушност се истоимената поетска книга „Зад билката,  молк“ што беше објавена во 1995 година, но толку се изменети што и тие се – нови“.   

Глигор Стојковски е автор на петнаесетина поетски книги, меѓу кои се издвојуваат „Починка во чисти честички“, „Пајак“, „Очно дно“, „Студена минута“, „Зад билката молк“, „Око заборавено на небото“, „Порој“, „Земјата сама ќе се отвори“, на изборот „Капка оловно небо“. Со стихозбирката „Заборавено око на небото“ во 1997 година стана лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“. За своето творештво е добитник е и на наградите „Кочо Рацин“, „Нарциса“, а пред четири години за поемата „Кирил 1830-Кирил 2001“ ја освои наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2015 година.