Нема затворање, кафулето „Мош“ работи и вечерва без почитување на мерките


Кафулето „Мош“ во центарот на Скопје работи и вечерва со гласна музика и со многу гости.Кафулето е во центарот на вниманието откако беше објавено дека Пазарниот инспекторат поднел кривична пријава по синоќешното гостувањето на српскиот пејач Владо Георгиев поради непочитување на мерките и протоколите за Ковид-19.

Сепак, Стојко Пауновски директор на Државниот пазарен инспекторат вели дека пазарните инспектори, според законските прописи, немаат надлежност да го затвораат угостителскиот локал ако не се почитуваат ковид-протоколите туку само да му поднесат кривична пријава и да добие парична казна.

„Нека размислат во Владата како понатаму, оти ние џабе контролираме и пишуваме записници кога локалите не можеме да ги затвориме. Газдите поминуваат само со парична казна од 4.000 евра, а за гостите кои не почитуваат протоколи нема никаква казна. Кафулето ‘Мош‘ има кривична пријава од минатата недела за непочитување протоколи. И вчера од концерот на Владо Георгиев е направен записник за повторно непочитување протоколи. Мора да се донесе итно законска измена за да можеме да постапуваме со затворање на локалите. Сега тоа може да го направиме само ако работат повеќе од дозволеното работно време“, вели директорот Пауновски.