Нема веќе турканици во маркетите, се чека пред да се влезе


Повеќето маркети во Скопје воведоа ред и наместо во продавниците и пред касите, сега се чека надвор. Целта на оваа мерка е купувањето да биде посигурно, односно да нема близок контакт меѓу оние кои купуваат и на тој начин да се придонесе да се спречи ширењето на корона вирусот. На пример, во маркетот на „Стокомак“ кај пазарчето „Буњаковец“, од каде што е фотографијата од утринава, во продавницата дозволуваа влез на шестмина купувачи. Слично беше и во околните продавници за прехранбени производи.

И вчера беше забележливо зголемено купување, но без паника. И покрај постојаното надополнување на продавниците со производи, често се случува да снема некој од најбараните артикли – како на пример квасец, брашно, тоалет хартија или средства за дезинфекција.

Викендов, кога купувачката се чини дека доживеа кулминација, еден од продавачите во маркетите прокоментира: „Не може да поставиме толку производи колку што ќе се стават во корпите и количките од страна на купувачите“.

Сепак, како што нагласија сопствениците на супермаркетите на денешната средба со министерот за економија залихи има доволно – за 30-40 дена, па нема простор за трупање залихи.

Од друга страна, проблемите во транспортот и зголемената побарувачка почна да се чувствува на зелените пазари за некои производи, како на пример кај лимоните, за кои, како што вели еден од продавачите, набавната цена веќе достигнала 150 денари.

Апел да се воведе ред во маркетите упати и министерот за економија Крешник Бектеши, кој вели дека треба да бидеме свесни и да се грижиме за здравјето на граѓаните, но и на вработените во маркетите.

Тој ги повика граѓаните разумно да купуваат, а маркетите да направат планови за да им излезат во претрес на потрошувачите.

Инаку, Владата вчера донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.