Нема веќе купување со Домашна платежна картичка

Над 23 илјади граѓани не подигнале Домашна платежна картичка, неискористените пари одат назад во Буџетот

Над 23 илјади граѓани воопшто не подигнале Домашна платежна картичка, покажуваат информациите што од банките биле упатени до Министерството за финансии на 7 август, но колку точно од вкупно отпечатени 333.674 картички биле искористени, ќе се знае откако ќе се сумираат целсоно резултатите.

Вчера беше последниот рок до кога можеше да се користи оваа мерка за помош на граѓаните и на економијата во услови на пандемија со која се стимулираше домашната потрошувачка.

Банките, како што се дознава, веќе ги деактивирале овој вид картички, така што оние кои не успеале да ги искористат средствата во целост, тоа веќе нема да можат да го сторат.

Според последните објави од страна на Министерството за финансии и министерката Нина Ангеловска, заклучно со 1 август беа доделени се картички во вредност од 26,7 милиони евра, од кои корисниците до тој датум потрошиле околу 23 милиони евра.

Со картичките до тој датум беа реализирани се над 1,7 милиони транскации. Најголем дел од нив беа во маркетите (89 отсто), потоа во ресторани и храна (5 отсто) и за текстил, облека, обувки (3 отсто).

Домашна платежна картичка добија социјално загрозени лица, вработени со ниски примања, млади лица и здравствените работници кои беа ангажирани во борба со пандемијата.

Неискористените средства ќе бидат вратени во државната каса.