Шилегов ја бранеше програмата на „Лајка“, активистите бараат нова
Голем број активисти на невладините органзиации за заштита на животните вечерва ја исполнија салата на Советот на Скопје за расправата за Програмата за хуман третман и благосостојба на животните скитници на јавното претпријатие „Лајка“, која предизвика многу реакции во јавноста. Пред бараките на Градот Скопје заедно со активистите имаше и миленици. Невладините, документот кој на последната седница на Советот доби зелено светло од советниците, го оценија како досега најсвирепиот документ за третман на бездомни животни, со кој, како што велат, градските власти добиле „дозвола за убивање“. Тие побараа да се сработи нова Програма во координација со здруженијата и бараат нејзиниот текст тие финално да го одобрат.
На средбата градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ја презентираше и ја бранеше Програмата и посочи дека правилата за еутаназија се многу постоги и за тоа одлука нема да може да донесе ваква одлука по свое наоѓање.
„Нема убивање, туку со системски мерки бројот на улични кучиња да се сведе на минимум, а со тоа и каснувањата и нападите. Главните разлики на оваа програма со претходната се заловувањето кое ќе го прават два тима, од кои едниот во итни случаи, самиот стационар ќе има ветеринарна станица во која ќе се прават брзи тестови за заразни болести кај животните“, објасни Шилегов. Тој посочи дека принципот „залови-стерилизирај-ослободи“ не се напушта, туку ќе се применува во случаите кога нема да се најде вдомувач за животното.
Невладините организации, пак, недостатоци најдоа во речиси сите решенија кои ги предвидува документот.
„Програмата е ужасна и не знам кои експерти застанале зад неа“, рече Радмила Пешева од здружението Анима мунди.
Љупка Аврамовиќ, член на УО на „Лајка“ повика активистите да се оградат од злобните коментари и посочи дека во јавното претпријатие седат луѓе кои нема да дозволат ниту едно куче да биде еутаназирано и дека доколку треба самите и на свој трошок ќе го лекуваат.
„Имајќи ги предвид статистиките од терен на горенаведените здравствени состојби кои се лечат со висока стапка на успешност, со Програмата се предвидува речиси усмртување на приближно 70 отсто од животните кои ќе влезат во стационар. Ниедна програма до сега во овој град немала на хартија ваква дозвола за убивање“, вели Драгана Велковска, активистка и советник.
Јавноста да не коментира нешто што не е во нејзин домен, побара Јована Стефановска, раководител на Ветеринарниот Институт, мислејќи на болеста лишманија, која не се пренесува на луѓето, но е многу сериозна за кучињата кои мора да имаат вдомувач кој ќе се грижи за нивното здравје до крајот на неговиот живот.