Нема светло во „тунелот“ со Бугарија

„Платформата од Корча“ практично  има политичка тежина за Бугарија како „Тиранската платформа“ на  Албанците за нас


Фамозниот тунел што треба да го градиме со Бугарија

 

Бугарскиот медиум БГНЕС денес објави специјално подготвен филм за 150-годишнината од неизградбата на Коридорот 8, при што вината за овој сѐ уште нереализиран проект ја препиша подеднакво на владите во  Македонија и во Бугарија.  Според опишаното, по пругата во Ѓуешево поминуваат повеќе мачки скитници отколку возови, портите на станицата се заклучени, а таа повеќе личи на локација за снимање на историски филм.

„Историјата на железничката линија Софија-Ќустендил-Скопје е постара од историјата на Третата бугарска држава“, нагласи историчарот Ангел Џонев.

Понатаму, почнува патетиката чија поента е дека Бугарија пропуштила историска шанса да се приближи до Македонија и да се тргне меѓусебната граница. Притоа јасно се скажува дека Коридорот 8 за Бугарија е економски, но и политички интерес и дека геополитички ја губи играта со Србија и со Грција за коридорите.

„Бугарија е членка на Европската Унија и НАТО. Нејзината економија е поголема од онаа на Србија и Северна Македонија заедно. Софија дозволува суров потсмев од Белград и од просрпските политичари во Скопје, како Христијан Мицкоски и Александар Николоски. Бугарија со своето неработење во последните години заостанува во геополитичката игра на Балканот. Режимот на Александар Вучиќ дури се фали дека го елиминирал Коридорот 8 во корист на Коридорот 10 – во правец север-југ. Така настапува и историскиот сојузник на Србија – Грција“, оценува авторот на филмот на БГНЕС.

„Солунското пристаниште беше провинциско, а сега ги има сите шанси да добие исклучително економско значење. Тоа што ќе направиме ние, е наша работа“, вели Стефан Стојанов, поранешен амбасадор на Бугарија во Грција во периодот 2002-2006 година.

„Бугарија стои со скрстени раце и се расфрла со историска шанса. Транспортните врски се непроценливи не само за билатералните односи, туку и за односите меѓу луѓето. Во исто време, Тирана создава транспортен прстен со сите соседни земји, каде што живее компактно албанско малцинство, а Грција останува лидер на Балканот во транспортната инфраструктура.
Поминаа изгубени децении, во кои беа пропуштени можностите за вистинско зближување со Македонија. Нема простор за повеќе изговори. Денеска никој не нè чека – ниту НАТО, ниту Европската Унија“, оценува БГНЕС.

Ова е втор филм на БГНЕС посветен на односите меѓу Македонија и Бугарија. Тој е илустрација на паниката што почнува да владее во кругови во Софија која кога ќе добие шанса да ги нормализира односите со нашата држава – не ја препознава, а сега се соочува со можноста -да го изгуби и тоа што доби со Договорот за пријателство и соработка, бидејќи во голема мерка ништо од тоа што беше предвидено веќе не се остварува, при што нема ни знак дека Бугарите навистина ќе влезат во Уставот. Нема ни надеж на краток рок, бидејќи влегувањето во ЕУ никогаш не било приоритет на владите на ВМРО-ДПМНЕ, уште помалку со исполнување желби на Бугарија.  

Вчерашните гневни изјави од речиси сите функционери во Софија околу изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за вклучувањето на„700-800 Бугари“ во Уставот покажаа дека има и друга основа за нервозата, бидејќи вакви изјави кај нас имаше и претходно. Можно е таа основа да е средбата на преставниците на сите главни македонски политички партии во Корча каде што за првпат партиски обединети и во еден глас договараа стратегија со единствената партија на македонското малцинство во Албанија – како да стават крај на бугаризацијата на нашето малцинство таму. 

Во Корча беа претставници на сите македонски парламентарни партии

„Платформата од Корча“, практично  имаше тежина за Бугарија како „Тиранската“ на  Албанците за нас. Практично, освен што настапија обединето сите партии, тие меѓу редови пратија и порака дека обврската што ја презедовме со промената на Уставот претходно, дека нема да се мешаме во внатрешните работи на соседните држави (која кај нас беше протолкувана како откажување од борбата за правата на нашето малцинство) – веќе не важи за Бугарија и за Албанија.

Практично, платформата што беше договорена за Албанија лесно може да добие реприза и во Бугарија со преставниците на нашето малцинство таму кое се соочува со децениско негирање и непризнавање. И додека Софија се обидува Македонците со бугарски пасош да ги престави како Бугари и да ги „брои“ кога ќе бара за нив права, средбата во Корча и отвора втор фронт, како најава за нов пристап кон нашите во соседството, со порака – мешањата ќе се прелеат и во вашиот „двор“. Уште повеќе, претседателот на партијата на македонското малцинство МАЕИ, Васил Стерјовски, побара да се олесни процедурата за давање македонски пасоши на нашите во соседството, што и според актуелниот Договор со Бугарија ни дава за право да се мешаме во заштита на нивните права – како наши државјани. 

Практично откако почна да ја условува Македонија во евроинтеграцијата Бугарија со своите двојни политички стандарди и ароганцијата како земја членка на ЕУ почна да ги губи една по една придобивките од Договорот за пријателство и соработка. Не само што Бугарите и натаму не се дел од Уставот, туку Мицкоски јасно кажа дека не признава ниту еден повеќе, ако така не се изјаснат тие 130.000 со пасоши на пописот, без оглед што се потпишале дека се Бугари.

Последното чествување на Гоце Делчев покажа дека трајно е ставен катанец и на можноста за заедничко славење на историјата, во смисла „добивте шанса, покажавме добра волја, но ја злоупотребивте“. За работата на Историската комисија никој веќе не се ни интересира, а изминатите месеци, како што се гледа  од репортажата, мораа да молат во Брисел за да не запре изградбата на Коридорот 8, на кој не работат и самите.

Како последно, во вчерашната реакција на бугарското МНР стоеше најдобрата илустрација за двојните политички стандарди на Бугарија, која сака да се продаде како европска земја и да ни држи лекции. Имено, во неа стоеше дека „почитувањето на правата на малцинствата и гаранциите за нивната рамноправност се фундаментален принцип на ЕУ“, а ако ја прашате што прави таа за нив – ќе одговори дека во нивниот устав воопшто нема малцинства бидејќи е граѓански.

Илустрација за тој двоен политички стандард е и пораката пратена на Мицкоски дека како земја кандидат за членство во ЕУ „имаме обврска да се усогласиме со таа политика на Унијата“, а тие како земја членка нормално не мораат! На крајот МНР на Бугарија не повика на искрен дијалог и взаемно почитување, како никогаш да не дошле закани и навредливи пораки од Бугарија, па и отворени територијални претензии кон нашата држава од лидери на водечки партии во Бугарија. Или, како што „искрено“ ни се закани Слави Трифонов,  „сите што се предводени од Мицкоски преку криви макарони ќе ја видат Европската унија“. 

Слави Трифонов зборува за „криви макарони“