Нема судии да го оценат обвинението за организаторите на „крвавиот четврток“


Фото: Б. Грданоски

Четири месеци откако беше поднесено обвинение против организаторите на „крвавиот четврток“, кривичниот совет уште го нема оценето обвинителниот акт што го поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев вели дека досега вкупно осум од вкупно девет судии во Одделението за организиран криминал се изземени на барање на одбраната.

„Секогаш на закажните претреси за оценка од страна на одбраната поднесувани се барања за изземање на судиите, на кои што судот позитивно одговараше. Тоа се причините поради кои досега не е оценето тоа обвинение. Секако и судската ферија придонесе малку подолго од очекувањата да трае тоа оценување на обвинението“, изјави Џолев.

Тој вели дека речиси цело одделение судии од организиран криминал по различни основи досега учествувале во првиот предмет „27 април“ и дека веројатно ќе се делегираат други судии кои што ќе постапуваат по новиот предмет за организаторите за 27 април.

„За многумина тој предмет е поврзан со организаторите, односно сметаат дека станува збор за ист кривично правен настан. Од таа причина судот претпазливо се однесуваше кон барањата за изземање и на крај се реши за да нема никакви сомнежи за пристраноста на судиите да ги изземе судиите кои што учествувале по било каков основ во првиот предмет, за кој веќе имаме неправосилна пресуда. Тука се и други судии кои што учествувале во оценка на обвинението“, изјави Џолев.

Јавното обвнителство за организиран криминал на 31 мај поднесе обвинение за поранешените министри Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, како организатори за насилствата на 27 ми април. Постапката за бегалците Никола Груевски и заменикот началник во петтата управа Никола Бошковски ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.  Осомничените стануваат обвинети за кривичното дел терористичко загрозување на уставниот поредок. Според, обвинителството четворицата функционери по изборите во 2017-та направиле план за да го спречат формирањето на нова влада.