Нема субвенции за ЈСП, ВМРО-ДПМНЕ не гласаше, скопјани без јавен превоз

„За“ гласаа 22 од советниците, а „воздржани“ беа 11, додека никој не гласаше против


Фото: Б. Грданоски

 

Советот на Град Скопје не ги изгласа субвенциите за ЈСП „Скопје“, што значи скопјани и утре ќе останат без јавен превоз.

„За“ гласаа 22 од советниците, а „воздржани“ беа 11, додека никој не гласаше против.

Во дискусијата што претходеше можеше да се слушнат истите досегашни ставови на претставниците на различните политички опции. Советниците на СДСМ ги гласаа субвенциите, но побројните на ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани, што резултираше со неодобрување на 11 милиони евра субвенции со кои претпријатието би можело да функционира.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ги обвини советниците на ВМРО-ДПМНЕ, дека намерно креираат проблем, за потоа да го решат и да се доживуваат како месии.  Појасни дека одлука за доделување субвенции на јавните претпријатија досега можеле да донесат три пати, сосе денешниот четири, но дека намерно не го прават тоа за да создадат проблем. 

Соевтниците на ВМРО-ДПМНЕ пак, бараа да им се објасни зошто од претходно доделените субвенции за ова претпријатие, со кои се префрлија два милиони евра на ЈСП, од кои пак директорот убедуваше дека ќе има плата за вработените до крајот на годината. 

Остана неодговорено прашањето зошто не е исплатена декемвриската плата, која на сметка треба да легне до 15 јануари. 

Директорот Крсте Петревски рече дека исплатена е плата во ноември и во декември, но дека пари во јануари нема. 

Инаку, пред просториите на Град Скопје собрани се возачите од ЈСП, кои најавија дека доколку Советот не изгласа субвенции, што и се случи, главниот град ќе остане без градски превоз. Денеска, тие возеа од 4.30 до 9 часот, за да можат работниците да отидат на работа, а учениците на првиот училиштен ден од второто полугодина на училиште. Но, доколку не се доделат субвенциите, автобусите ќе останат во гаражите.