Нема стрелање и бесење, нема ни оставки


Министрите вчера седнаа во Влада на редовна седница за да ги разгледаат точките што им беа на дневен ред, но таму, според првичните неофицијални информации, не се најде аферата за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски околу тендерот на М-НАВ.. Премиерот Зоран Заев кој вчера на пладне излезе на прес – конференција за да ја објасни снимката со руските комичари, освен себе, го одбрани и својот генерален секретар. Премиерот  во разговорите што беа објавени не гледа вина кај Рашковски и тврди дека не зел никакво мито, а за реализацијата на тендерот, генералниот секретар го задолжила токму Владата. Заев не гледа грешка ниту во вработените во неговиот протокол и односи со јавност, ниту пак во Рашковски.

„Не ја гледам вината. Санкцијата на политичка одговорност е едноставна и никој не е венчан за својата позиција. Во Македонија нема бесење или стрелање, за кривично дело се одговара со затвор, има парични казни, има други видови на казни и апсолутно нема никаква дилема. Ако сме се согласиле да бидиме на јавни функции не значи дека сме прифатиле да бидеме боксерска вреќа. Секогаш треба критички однос затоа што транспарентноста е следниот чекор во реформите. Ако ја видам вината, немам проблем да разрешам некој или да го ставам на друга функција. Но, сакам да ја видам одговорноста“, изјави Заев.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска повтори дека ќе отворат постапка за Рашковски по допрен глас од медиуми по сопствена иницијатива. Но, сепак се уште не можат да почнат со обработка бидејќи чекаат да им биде доставена документацијата што ја имаат побарано од М-НАВ од аспект што е потребно во однос на тендерот, како и документација од Рашковски на писмено да образложи во кое својство се нашол во објавениот снимен разговор.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за Рашковски до Јавното обвинителство од кое побара да му одреди  притвор затоа што незаконски влијаел тендерот за поставување на нов радарски систем на македонската навигација да го добие фирмата „Леонардо“.Сепак Обвинителството уште нема отворено постапка за случајот со Рашковски бидејќи утврдиле дека овој случај треба да го работи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал ни потврдија дека пријавата уште не е стигната до нив и уште не се води никаква постапка против Рашковски. Според ова, засега ниту една институција нема отворено постапка и никој не бара одговорност за Рашковски.

Случајот се отвора откако во јавноста се објави аудио снимката на која се слуша како Рашковски наводно договора реализација на тендерот кој го добила италијанската фирма. Потоа беше објавена и уште една аудио снимка за која опозицијата обвини дека Рашковски бил свесен дека не можел да преговара со италијанската фирма, бидејќи тендерот не бил комплетиран. Најголема реакција во јавноста имаше за расистичките изрази кои ги користи Рашковски, не знаејќи дека го снимаат. За ова Рашковски се извини до небо, но порача дека оставка не дава.

„Ова е верзија на разговорот. Кога ќе стигне официјална пресуда од страна на судските органи, во кривичната постапка, тогаш да седнеме и повторно да разговараме“, рече Рашковски на прес – конференцијата минатата недела. (Ф.Ф.С.)