Нема случаи на корупција и злоупотреба на финансиските средства од Светска банка, вели Паолучи


 

Во активното портфолио на Северна Македонија со кое управуваме сега, нема случаи на корупција и злоупотреба на финансиските средства, рече денеска директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи.

Како што истакна Паолучи, средствата се спроведуваат според правилата за јавни набавки на Светската банка, кои се усогласени со принципите за ефикасност, ефективност, транспарентност и отчетност.

– Кога една земја реализира заеми од Светската банка, тоа се прави според правилата за набавка и регулативи кои имаат за цел да се избегнат случаи на корупција, злоупотреба и какво било нарушување на правилна употреба на средствата за соодветните цели. Ако постојат одредени гласини за корупција, тогаш има интерни процеси кои разгледуваат дали гласините се поткрепени со факти. Доколку фактите се потврдат, постојат одредени постапки за објавување неуредна набавка и целата земја да биде повикана на одговорност. Во случајот со Северна Македонија, во активното портфолио со кое управуваме сега, такви случаи нема, подвлече Паолучи, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за проектот за градење отчетни институции за управување со јавните финансии.

Тој порача и дека земјава треба да продолжи со градењето на фискалните бафери.

– За Северна Македонија многу често сакаме да ги гледаме разните проценти за да оцениме што земјата прави или не прави добро во смисла на раст. Но, треба да имаме предвид и кога ги собираме овие информации. Реалноста деновиве се какрактеризира со големо ниво на промени. Од кога се објавени податоците, ситуацијата може или да се подобри или да се вложи во рок од неколку недели. Имајќи го тоа предвид, главната поента за Северна Македонија е да продолжи со градење на фискалните бафери кои се суштински за да ги истрпи последиците што може да се материјализираат во кој било момент. Една од приказните за оваа земја е управувањето со кризата. Оние кои имаа најголеми потреби, најранливото население и економските активности, беа навистина поддржани преку инјектирање буџетски ресурси што немаше да биде можно ако не беа баферите, нагласи Паолучи.