Нема реален напредок во односите со Скопје, вели Кирил Петков


 

Бугарскиот премиер Кирил Петков ниту ја потврди ниту ја демантираше информацијата дека ќе замине во Париз пред крајот на претседавањето на Франција со ЕУ за да се најде начин да се реши билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Тој во изјава за бугарските новинари во Брисел, каде што е на самитот на ЕУ, рече дека нема реални чекори напред во разрешувањето на спорот.

„Пред на чисто професионално ниво меѓу дипломатите да дојде до заедничка идеја за тоа каде да одиме понатаму, не можеме да потврдиме дека има вистински чекори. Една работа потврдуваме и ја потврдувам за да се избегне каква било злоупотреба на темата – пред што и да се направи , за што и да се договорат дипломатите, тоа ќе го поминеме низ парламентот. Значи парламентот е последното средство, нема да има ништо скриено од бугарскиот народ и сите ќе имаме заедничка визија“.

На прашањето дали очекува проблемот да добие некако развој, како што побара францускиот претседател Емануел Макрон, Петков вели:

„Секако, зависи од Европа, колку тие би ги прифатиле условите кои се многу важни за Бугарија. Затоа велам дека тоа е на ниво на дипломати. Нека си ја завршат работата, потоа доаѓа на ниво на политичари и на крајот доаѓа бугарскиот парламент, кој мора да го земе последниот тежок збор“.