Нема разлика од руските тврдења за Украина од оние на Бугарија за Македонија, вели Френсис Фукујама


 

Поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет различно од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења за Украина, вели Френсис Фукујама, политички научник од САД и професор на универзитетот Стенфорд. Тој е автор на прочуеното дело „Крајот на историјата и последниот човек“ од 1992 година, во кое образложуваше дека ширењето на либералните демократии по падот на берлинскиот ѕид ќе донесе добробит за човештвото. Во интервју за Радио Слободна Европа Фукујама вели дека исходот од војната во Украина ќе одреди како ќе изгледа светот и дека по руската инвазија повеќе ќе се цени живеењето во либерален поредок.

Според Фукујама, исходот од конфликтот ќе одреди како ќе изгледа светот. „Мислам дека може да замислиме многу лошо сценарио од гледна точка на демократијата и добро сценарио. Лошото сценарио очигледно е ако Путин успее и ја урне избраната власт во Киев и инсталира марионетска влада и успее да присвои делови или цела Украина во поголема Русија. Но од друга страна не верувам дека ќе успее и може да биде заглавен и според некои сценарија да биде принуден да се повлече од Украина што ќе биде многу понижувачки за него. И во тој случај ми изгледа дека ќе има добар исход, не добар за Украина, страшен за Украинците, но за демократскиот свет воопшто кои покажаа солидарност, во одбивање на агресијата и тие ќе го зачуваат европскиот поредок каков што постои од 1991 година“.

Фукујама не мисли дека економските санкции сами по себе се доволни да ја казнат Русија. „Она што се случува на терен, воено, ќе биде поважниот исход. Ако Украинците успеат да ја запрат руската инвазија и да ја свртат ситуацијата и да нанесат тешка воена цена на Русија, тоа навистина ќе го убеди Путин да отстапи и ќе ја загрози неговата позиција во Русија. Но сигурно дека економските санкции ќе имаат многу големо влијание врз руските граѓани. Тие ќе почувствуваат голема рецесија, невработеност, големо нарушување на животот на средната класа“, вели професорот.

Тој гледа многу сличности во наративот на Бугарија во однос на Македонија, како оној на Русија за Украина. „Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично“, рече Фукујама.