Нема проблеми при спроведувањето на пописот
Успешно започна Пописот на населението, домаќинствата и становите низ државата, соопшти директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, а никаде нема одбивања за попишување, ниту пак има технички проблеми.
„По 20 години го дочекавме денот да започнеме со спроведување на најважната статистичка операција во државата, Пописот на населението, домаќинствата и становите. Посакувам на сите оваа операција да ја завршиме успешно, да се соберат сите информации за сите граѓани, со една единствена намера, истите да служат на оние кои треба да спроведуваат развојни политики да имаат добра основа за такво нешто“, рече Симовски.
Пописот на населението, домаќинствата и становите не служи на ниту една политичка партија, не служи ни на поединци, туку служи на оние кои ќе го планираат развојот на државата.
Симовски: Попишете се, тоа го правиме за вас!
„Ве повикувам сите, да се вклучите масовно во оваа операција, без никаков исклучок, бидејќи податоците се заради вас и за вас. Симовски ги повика граѓаните да не подлегнуваат на иницијативите да се не отвора врата. Порача дека во следните десет години кој и да е на власт, треба да гради развојни политики врз основа на овие податоци“, додаде директорот на Статистика, Симовски.
Процесот е организиран преку 50 регионални комисии, појасни Симовски, а Ѓорче Петров е еден од тие. Во овие центри се формирани пописни комисии којшто се составени од лица вработени во локалната самоуправа и тоа највисоките лица, односно секретарите на општините се членови на овие комисии и нивната функција е да ја обезбедат целокупната логистика за спроведување на Пописот.
– Доколку некое домаќинство побара да биде попишано на мајчиниот јазик, кај него ќе биде испратен таков попишувач. Во принцип, во еден пописен круг треба да бидат опфатени од 100 до 120 домаќинства – вели Симовски.
Прекршочна пријава доколку не сакате да се попишете
Доколку некој одбие да биде попишан, не се покренува кривична постапка против него, туку прекршочна и тоа против сите членови на тоа семејство, појасни Симовски. Ако неколку пати одбиваат да бидат попишани или не се дома, директорот на Статистика вели: „ќе дојдеме 1.000 пати на таа врата“.
Попишувачите се брендирани
Повеќето од попишувачите се вакцинирани, само мал дел не се. Не се очекува ширење на заразата од Ковид-19 преку спроведување на Пописот, затоа што се следат протоколи и се носи заштитна опрема. Попишувачите се брендирани носат маичка на која пишува Попис, а дополнително неговото име и презиме се испишани на легитимација.
Пописот започна денеска, а треба да заврши на 30 септември.(Б.Б.)